
Државниот архив ја претстави изложбата „Македонија, Македонците, Македонскиот фронт низ објектив“, која посетителите имаат можност наредните две недели да ја видат во холот на ТЦ „Дајмонд мол“.
На изложбата организирана по повод 110 години од формирањето на Македонскиот фронт се претставени 18 паноа со преку 200 фотографии како сеќавање на случувањата од Првата светска војна на македонско тло.
Како што посочува директорката на Државниот архив, проф. д-р Наташа Котлар -Трајкова, посетителите можат да добијат историски информации, како на пример кога се случувала Првата светска војна, кога е формиран Македонскиот фронт (1915 – 1918), но и да видат фотографии кои претставуваат сеќавање на животот на населението од овој историски период.
Еден воен историчар посочил дека Македонскиот фронт кој можеби не бил толку битен во тие воено-историски пригоди, на крајот на војната станал значајна историска приказна. Нашата намера не е да ги прикажеме воените дејства, туку луѓето кои учествувале во она што се именува како војна и воени настани. На паноата е прикажано и населението во тие воени услови, нивното секојдневие претставено преку објективот, што за нас како историчари претставува нова сфера на истражување и ново поле на создавање на историска меморија. Денешнава намера не е само сеќавање на животот во еден историски период, туку и помирувањето, најчовечкото што можеме да го понудиме. Сето ова што го гледаме е политика која станала историја и не можеме да ја промениме. Но, денешната политика можеме да ја менуваме и креираме за да стане една солидна историја“, посочи Котлар – Трајкова.
Изложбата ја прикажува војната не само преку фронтовската линија туку и преку секојдневието на населението во периодот на Првата светска војна. Со изложбата е забележано она што се случуваше и на фронтот и меѓу населението. Самата војна стана дел од нивниот живот, а сето она што воените сликари го забележале сега имаме можност да го видиме.