
Според спомените на Атанас Забазноски-Руски, во шеесеттите години на минатиот век, со неговото доаѓање на местото помошник- началник на Четвртата управа на Државната безбедност, почнала да се организира македонската техничка оператива за следење и прислушување:
„Во тоа време добро фукционираше само контролата на писмените пратки, бидејќи располагаше со образован стручен кадар, кој одлично владееше со странски јазици.
Писмениот предлог се доставуваше до потсекртетарот на ДБ. Откако тој ќе го потпишеше налогот, ако го потпишеше, решението ми го даваше лично на рака мене како помошник-началник за прислушување или на началникот на Четвртата управа. Потоа се пристапуваше кон техничкото решение, а добиениот материјал за дотичното лице им се даваше на оперативните служби. Затоа другарите од ЦК СКМ, односно Комисијата за контрола на Службата на чело со Веселинка Малинска, знаеја, на пример, зошто во шеесеттите години на минатиот век постојано се прислушуваше телефонот на Михајло Апостолски, па можеби поради тоа воопшто не се заинтересираа за досието со снимен материјал од телефонските разговори на генералот.
Во еден момент им го дадов целото досие со снимен материјал од телефонските разговори на генералот Михајло Апостолски, а воедно им ги дадов и писмените налози за прислушување на генералот од Сојузниот секретар за внатрешни работи, Александар Ранковиќ. Никој од нив, ни Малинска, ни останатите, не пројавија интерес за оваа важна работа, па заклучив дека пред да дојдат кај мене веќе знаеле за тој случај. Ако сакаа, ако беа храбри, како што се претставуваа, можеа од тоа да направат голема работа.
Можеа да застанат зад Апостолски и да бараат да се расчисти случајот со неговото прислушување. Меѓутоа, наместо тоа, без да ја знаат правата вистина, директно ме обвинија мене за некакво тајно прислушување на Крсте Црвенковски, и дека тоа сум го сторил на своја рака. Во меѓувреме, Веселинка Малинска, на пример, секојдневно, со недели, бараше некакво досие од наводно нејзино прислушување на нејзиниот домашен телефон. Факт е дека тој телефон со години беше приклучен на прислушување, но не за неа туку за нејзиниот сопруг.
Во секој случај, бидејќи нејзиното настојување не можев да го издржам, одлучив досието од прислушувањето на тој телефон, како и досието од прислушувањето на генерал Апостолски да му го предадам на Никола Минчев, тогашен претседател на македонската влада. Што се случи подоцна со тој материјал – не знам“, стои во спомените на Атанас Забазноски, кој во шесетите години на минатиот век ја водел Сужбата за прислушување на ДБ.
Извор МИА