
31. издание на Моден викенд Скопје, најзначајната модна платформа во земјата ќе се одржи од 29 октомври до 5 ноември под слоганот „Одржлива мода и креативна традиција – развој на иновативни практики во македонската модна сцена“. Оваа сезона ја отвора дискусијата за модата како јазик на промените – општествени, културни и еколошки.
Со поддршка на Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес, и со УНИБанка како генерален партнер, FWSK 31 ја нагласува моќта на модата да создава вредности, да менува навики и да гради култура на одржливост, се вели во соопштението на Моден викенд Скопје.
Изданието започнува со едукативни активности и креативни работилници каде одржливоста се претвора во лично искуство.
Оваа есен, FWSK повторно ја потврдува својата мисија: дека модата не е само календар на ревии, туку движење што покажува дека може да биде и економија и естетика, индустрија и хуманост, визија и традиција. Момент кога креативноста добива своја социјална функција, а сцената станува место каде стилот и свеста се среќаваат – под светлата на подиумот, но и во срцето на културата, вели организаторот.
Во Центарот за поправки „Ништо ново“ (АРНО), дизајнерката Ирина Тошева и тимот на „Ништо ново“ ќе ја водат работилницата „Од стара облека до уникатен моден додаток“, посветена на повторната употреба и вториот живот на материјалите.
Следниот ден, фокусот се сели во Македонско Етно село, каде Изабела Соколовска од Еснаф Хендмејд ќе ги менторира младите креатори во интерактивните работилници „Нишки од природата“, поддржани од Green Land Group – симболично спојувајќи го занаетчиството со современата еко-свест.
Главниот викенд (31.10–02.11) во Diamond of Skopje, Carat Office ќе биде обележан со панел-дискусии и ревии во рамки на европскиот проект MISSION4WATER, посветени на иновациите и одржливоста.
На панелите ќе се зборува за микропластиката, новите технологии и улогата на модата во зелениот развој. Ќе биде презентиран и проектот GREEN and SUSTAINABLE FASHION – The Nordic-Baltic Story, организиран од Нордиските амбасади на Западен Балкан.
Дизајнерката Ирина Тошева ќе го претстави проектот „Социјална одржливост и овластување преку дизајн“, создаден во соработка со женскиот затвор КПУ „Идризово“.
Викендот ќе кулминира со презентацијата на глобалното движење bodyright, под покровителство на UNFPA, кое го крева гласот за борба против насилство врз жени и девојки во дигиталниот простор и повикува на почитување, автономија и застапеност на секое тело во онлајн светот.
Ревијата „The Bodyright – Own Your Body Online“, во копродукција на Ангела Бикова, Карол Фариас (SICModa) и Палома Гарсија Лопез (Circular Sustainable Fashion Week Madrid), ќе биде реализирана со поддршка на Амбасадата на Шпанија, UNFPA – United Nations Population Fund, Македонското модно здружение и Eptisa, редефинирајќи ги поимите за убавина, способност и сопственост во дигиталната ера.
Модната програма продолжува со ревиите на Мирјана Јосифоска, Марија Пољакова и Miss Mila, кои внесуваат урбана енергија и женствена елеганција. GEORGIYA ќе ја претстави својата колекција „Season III“, поддржана од ZIA Jewelry.
Следуваат студентските ревии на Академија за моден дизајн СКАЛА и Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, со талентирани студенти: Алејна Мамути, Арбеса Абази, Фикрије Мема, Јета Морина, Мартина Андреевска и Назлишах Тхаќи.
Вечерната програма ја заокружуваат настапите на Дешира Кахримани, A2 Atelier и Minnimal.
Во сабота, 1 ноември, UNIBank – генерален партнер на 31-то издание на Fashion Weekend Skopje – ќе биде домаќин на ексклузивен прием во рамките на настанот, каде ќе ја претстави својата world debit премиум картичка инспирирана од современиот животен стил.
Во неделата, SIEC ќе ја отвори темата „Модна слобода: Стоп за задевање“, по што следуваат ревиите на Ева Таневска, Anu Handmade, Son of Salome и Олгица Ѓоргиева.
Последните денови на фестивалот носат проектот „Fashion & Craftsmanship“ – изложба и поп-ап колекции создадени во соработка меѓу дизајнери и занаетчии, како и Модната аукција, организирана од КОНЕКТ и FWSK, под покровителство на Амбасадата на Франција. Темата „Мода и занаетчиство – колаборации помеѓу дизајнери и занаетчии“ ја потенцира врската меѓу традицијата и современоста. Средствата од аукцијата ќе бидат наменети за фондот на КОНЕКТ, за поддршка на граѓански организации што работат на достоинствена работа, образование и инклузија – уште една потврда дека модата може да биде чин на општествена одговорност.
Во аукцијата ќе учествуваат водечките имиња на македонската модна сцена: Никола Булески, Никола Ефтимов, Лидија Георгиева, Изет Цури, Ирина Тошева, Олгица Ѓоргиева, Силвија Михајловска (Алшар), Катерина Тошева, MilkDesign, Terziya, “Be.”, Снежана Ефковска, Ивана Груевска, Радмила Давидовиќ Настев, Еснаф, Александар Стојанов – Зорин, Народни Носии и Marcy’s Handmade.
Со своето 31-во издание, Fashion Weekend Skopje powered by UNIBank уште еднаш ја потврдува улогата на модна авангарда во регионот – платформа што не само што ги претставува колекциите, туку ги отвора и најважните разговори за одржливост, иновации и културна меморија.
Линк до целата програма