
Јавната здравствена установа Здравствен дом „Железничар“ воведе прва работна сабота во месецот, поради зголемување на достапноста и ефективноста на здравствените услуги.
Како што информираат од установата, со оваа новина е започнато од 1 февруари. Работното време е од осум до 14 часот.
Оваа одлука е донесена за да им се излезе пресрет на сите граѓани, особено на оние кои поради работни или други обврски не можат да ги користат нашите услуги во текот на работната недела. Во текот на работната сабота може да се користат услугите: специјалистичко-консултативни прегледи, лабораториски услуги, лекарски уверенија за вработување, појаснуваат оттаму за МИА.
Од установата нагласуваат дека за изминатите неколку месеци докажана е општествената и здравствена одговорност на овој здравствен дом, со организирање настани за бесплатни лабораториски скрининзи и прегледи со цел подобра превенција и подобро јавно здравје.
Воедно, обезбедивме и непречен премин на пешачката патека покрај здравствениот дом, го обновивме осветлувањето, го регулиравме сообраќајниот метеж на самиот влез во установата и обезбедивме непречен влез на возилата на Брза помош, слободен пристап на стручните екипи на „ЕВН“, „Водовод“ и екипата за одржување на лифтот, ја регулиравме хоризонталната сообраќајна сигнализација, ги бојадисавме жардиниерите и ги освеживме со зеленило, бојадисавме и дел од фасадата, истакнуваат од установата.
Оттаму нагласуваат дека ги подобруваат условите во јавното здравство.
Со добро испланирана дислокација на пултот за наплата и информации, постигнавме подобра организација на работниот простор, зголемена ефикасност во работата, подобрување на условите за наплата и информираност на пациентите. Фискалната каса и пултот за информации ги дислоциравме на приземјето, на видливо и лесно пристапно место како одговор на барањата на пациентите во однос на олеснување на нивното движење и информираност, со минимализирање на метежот и намалување на времетраењето за наплата, подвлекуваат од установата.
Од Здравствен дом „Железничар“ за МИА додаваат и дека поради зголемениот интерес за превентива на најмалите, односно нивно вакцинирање и заштита од болести, установата обезбедила нов наменски ладилник за складирање и чување вакцини.
Новиот наменски ладилник е по најновите светски стандарди што ги има поставено СЗО, со најсовремена технологија за безбедно складирање на вакцините на идеална температура, заштитени со напреден алармен систем и систем за мониторинг на процесот на нивното чување. Истиот располага со доволен капацитет да одговори на Програмата за задолжителна имунизација на населението, т.е. вакциналниот процес за доенчиња и дечиња од претшколска возраст, истакнуваат од установата.
Како што додаваат, успешно завршиле работните активности со санирање на долгогодишниот проблем со протекување на одводната мрежа на Одделот за медицинска рехабилитација и чекалната пред лабораторија како и делот кај матичните лекари.
Со добро испланирана и реализирана стручна интервенција, мрежата е целосно санирана со што се обезбеди пријатна и здрава работна средина – без влага на ѕидовите, без непријатни мириси и без ризик за мувла, како и ефикасно управување со ресурсите и елиминација на дополнителни трошоци за одржување, потенцираат од здравствениот дом.
Здравствен дом „Железничар“ во периодот од 2022 , 2023 и до септември 2024 година, направени се 9.000 систематски прегледи, 5.125 лекарски уверенија за возачи, 2.148 лекарски уверенија за вработување, 310 други лекарски уверенија, 18.000 прегледи на дерматовенерологија, 11.003 прегледи на оториноларингологија, 4.600 прегледи на психијатрија, 2.288 прегледи на офталмологија, 19.712 прегледи на интерни болести, 4.177 прегледи на медицинска рехабилитација, 450 систематски прегледи и вакцини во детска превентива, 15.033 – РТГ кабинет – скелет , бели дробови и заби, 22.205 – биохемиска лабораторија. Инсулинската аптека згрижува околу 800 пациенти – дијабетичари. Вкупно биле прегледани 114.851 пациент.
Почетоците на Здравствен дом „Железничар“ датираат од далечната 1923 година. Денес во оваа установа се вршат дијагностички услуги со одредена медицинска технологија, специјалистички прегледи, лабортаториски анализи, психолошки тестирања, а може да се добијат и лекарски уверенија за возачи, за вработување, за лиценци, за државјанство. бд/са/