
Вкупно 47 повредени лица во пожарот во Кочани ќе бидат хоспитализирани надвор од државата, соопшти вечерва министерот за здравство Арбен Таравари.
Утре на помош во државата пристигнуваат специјалисти по изгореници од Израел, Белград и Прага кои ќе им помогнат на здравствените работници во државава.
Како што изјави Таравари, според информациите со кои располага, четири до пет повредени побарале лекарска помош во приватните клиники.
Во моментов во македонските болници се хоспитализирани 115 пациенти и сите во стабилна и добра состојба, надвор од животна опасност. Сепак, состојбата може да се менува и да се јават подоцнежни компликации, бидејќи станува збор за изгореници, изјави Таравари.
Во Солун се веќе сместени 3 пациенти, во Софија 8, во Пловдив 3 и во Варна 3. Во Белград и Ниш се сместени по 1 пациент, во Истанбул се веќе тројца отидени, а уште шестмина патуваат вечерва. Вечерва уште 4 ќе заминат на лекување во Хрватска, а во Белград уште 15.
На Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје има 25 пациенти, по 24 во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ и Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, во Штипската болница 29 и во Кочани 13.