Skip to main content
ПРОФ. Д-Р ДРАГАН ДАНИЛОВСКИ, ЕПИДЕМИОЛОГ

Западнонилската треска нè потсетува дека епидемијата треба да ја откриеме пред тешко да заболат луѓето

Приватна архива / Проф. д-р Драган Даниловски: Дали веќе го достигнавме врвот на овој епидемиски бран, со сигурност ќе можеме да кажеме дури кога ќе забележиме континуиран и траен пад на бројот на новозаболени

Можеби најголемата и најопасна заблуда кај нас беше тоа што Западнонилската треска ја доживувавме како проблем кој започнува дури тогаш кога првиот заболен човек ќе заврши во болница. Во природата, овој вирус циркулира многу порано. Појавата на првиот случај на болест не е почеток, туку е веќе доцен сигнал во еден процес кој веќе се одвива, вели во интервју за „Република“ истакнатиот епидемиолог проф. д-р Драган Даниловски.

За кратко време порасна бројот на потврдени случаи на Западнонилска треска во Македонија, а во саботата беше соопштено дека 73-годишен скопјанец кој се лекувал на Одделот за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести во Скопје починал од западнонилска треска, со што вкупната бројка на смртни случаи од оваа инфекција се искачи на пет лица. Пациентот се лекувал 22 дена, бил на респираторна поддршка и имал повеќе хронични заболувања. До 21 август, во земјавата се регистрирани 43 случаи на западнонилска треска. Останатите починати исто така беа возрасни лица со повеќе коморбидитети, соопштија здравствените власти.

Со проф. д-р Даниловски разговаравме дали ова е очекуван сезонски бран, дали бројките треба да не загрижуваат, дали намалување на температурите ќе значи и дека бројот на заразени ќе опаѓа, односно кога ќе може да кажеме дека завршила епидемијата, што треба да се направи за идната година, дали климатските промени веќе ја менуваат епидемиологијата на западнонилската треска во Македонија.

Заклучно со 22 август има 43 регистрирани случаи на заразени со Западнонилска треска, пет смртни случаи, четворица се во тешка состојба и прогласена е епидемија во неколку скопски општини. Што ни кажува фактот дека за релативно кратко време бројот на потврдените случаи значително порасна? Дали ова е очекуван сезонски бран или треба да бидеме загрижени?

ПРОФ. ДАНИЛОВСКИ: Овој пораст ни покажува дека вирусот во моментов интензивно циркулира и дека се наоѓаме во периодот од сезоната кога ризикот е висок. Ако ја погледнеме пошироката слика, ова не е изненадување. Во Европа најинтензивниот пренос на вирусот се случува токму од јули до септември, така што овој бран во август е во рамките на очекуваното. Западнонилската треска годинава не е специфична само за нас — до 21 август, Европскиот центар за спречување и контрола на болести (ECDC) веќе регистрираше 625 локални случаи во 12 европски земји.

Сепак, многу е важно да разбереме што всушност значат овие бројки. Официјално потврдените случаи се само врвот на ледениот брег. Дури 80 проценти од заразените луѓе немаат апсолутно никакви симптоми, а голем дел од оние кои имаат симптоми, поминуваат со лесна слика и воопшто не стигнуваат до лабораториско тестирање. Тоа значи дека вирусот е присутен на терен многу повеќе отколку што покажува статистиката.

Затоа, место за паника нема, но има сериозна причина за будност, зголемена претпазливост и интензивен надзор. Дали веќе го достигнавме врвот на овој епидемиски бран, со сигурност ќе можеме да кажеме дури кога ќе забележиме континуиран и траен пад на бројот на новозаболени.

Дали бројот на смртни случаи е во рамките на она што епидемиолошки го очекуваме или има нешто во овогодишната епидемија што отстапува?

ПРОФ. ДАНИЛОВСКИ: Пет смртни случаи се навистина сериозна бројка која бара детална анализа. Ако ги погледнеме европските статистики, Македонија во моментов има меѓу највисоките, па дури и највисока стапка на починати од Западнонилска треска во однос на бројот на жители. Сепак, кога се работи за вака мали апсолутни бројки, секој нов случај може драстично да ја промени сликата, па затоа со овие рангирања мора да бидеме многу претпазливи.

Во јавноста често се мешаат некои основни поими. Ако едноставно ги поделиме овие пет починати со 43-те досега регистрирани случаи, добиваме процент од околу 11,6%. Тоа е тековен леталитет меѓу регистрираните случаи – case-fatality ratio, а не стапка на смртност на населението. И, што е особено важно, не значи дека 11,6 проценти од сите инфицирани со Западнонилскиот вирус умираат.

Како што споменав, вистинскиот број на заразени на терен е многукратно поголем. Бидејќи најголемиот дел од луѓето ја поминуваат инфекцијата без никакви или со лесни симптоми, тие воопшто не влегуваат во системот. Дополнително, епидемијата сè уште трае, па овој тековен леталитет може да се менува како што се регистрираат нови случаи и се утврдуваат нивните исходи.

    При споредување на леталитетот меѓу регистрираните случаи во различни земји мора да се земат предвид и разликите во надзорот и тестирањето. Ако во една земја се откриваат претежно тешки случаи, а во друга и голем број лесни инфекции, нивните case-fatality односи не се директно споредливи.

    Сосема друг показател е специфичната стапка на смртност од Западнонилска треска, кај која бројот на починати се става во однос со населението и се изразува, на пример, на милион жители. Високата позиција на Македонија и според овој показател е посериозен сигнал и заслужува анализа, бидејќи не може едноставно да се објасни со тоа колку лесни случаи сме откриле или не сме откриле.

    Затоа треба да се анализираат возраста и здравствената состојба на починатите, структурата на тешките и невроинвазивните форми, интензитетот на трансмисијата, критериумите за тестирање и навременоста на дијагностицирањето и лекувањето.

    Значи, бројките не треба ниту да се минимизираат, ниту да се драматизираат. Пред да споредуваме „смртност“ меѓу земјите, прво мора да прашаме: која смртност, со кој броител и со кој именител? Дури тогаш споредбата добива вистинско епидемиолошко значење.

    Проф. д-р Драган Даниловски: Кога времето трајно ќе залади, активноста на комарците постепено се намалува, а со тоа се кратат и шансите за ширење на инфекцијата. Сепак, не смееме да го заборавиме периодот на инкубација / Фото: Приватна архива

    Колку е можно бројот на заболени да продолжи да расте и откако ќе започне намалувањето на температурите? Кога може да кажеме дека сезоната на Западнонилската треска завршила?

    ПРОФ. ДАНИЛОВСКИ: Сосема е можно да гледаме нови случаи дури и откако температурите ќе почнат да паѓаат. Првото есенско заладување не е некаков прекинувач кој преку ноќ може да ја прекине трансмисијата на вирусот.

    Кога времето трајно ќе залади, активноста на комарците постепено се намалува, а со тоа се кратат и шансите за ширење на инфекцијата. Сепак, не смееме да го заборавиме периодот на инкубација, имено, периодот помеѓу инфекцијата (убодот од комарец) и појавата на првите симптоми (кој обично изнесува 3-14 дена). Тоа значи дека некои пациенти кои ќе ги регистрираме подоцна, всушност се заразиле додека сè уште било топло.

    Во европски услови, заразени луѓе се регистрираат и во текот на есенските месеци. Светската здравствена организација ја опишува сезоната како период кој трае од доцна пролет па сè до есен, со тоа што најинтензивната трансмисија вообичаено е меѓу јули и септември.

    Токму затоа, не би сакал да лицитирам со конкретен календарски датум и да кажам: „еве, од овој ден сезоната е официјално завршена“. Тоа ќе го покажст епидемиолошките и ентомолошките податоци, заедно со временските услови.

    Колку сме подготвени за следната година? Ако ништо не се промени, дали е реално да очекуваме иста или уште поголема епидемија следната година?

    ПРОФ. ДАНИЛОВСКИ: Ова, според мене, е едно од клучните прашања.

    Во медицината е невозможно со сигурност да предвидиме дали следното лето ќе имаме помал или поголем епидемиски бран. Тоа ќе зависи од повеќе фактори: временските услови, бројноста и инфицираноста на векторите, циркулацијата на вирусот кај птиците, локалните еколошки услови и ефикасноста на превентивните мерки.

      Но една работа можеме да ја кажеме уште сега: следната сезона не смее да започне во јуни или јули. За јавното здравје таа треба да започне многу порано.

      Тоа значи навремено планирање на интегрирана контрола на векторите, систематски ентомолошки надзор, следење на вирусот кај птиците и животните, однапред дефинирани прагови за интервенција, но и воспоставување на функционален систем на координација меѓу сите институции, по принципот „Едно здравје“ (One Health).

      И, што е уште поважно, веднаш штом ќе заврши оваа сезона, мора да направиме вистинска евалуација. Не е поентата само на хартија да наброиме колку пати е прскано против комарци или колку соопштенија сме пратиле до медиумите. Мора да измериме каков ефект навистина дале тие активности на терен. Само со таква сериозна анализа ќе бидеме вистински подготвени за следната година.

      Дали климатските промени веќе ја менуваат епидемиологијата на Западнонилската треска во Македонија – не само со повисоките температури, туку и со продолжувањето на сезоната на комарците?

      ПРОФ. ДАНИЛОВСКИ: Ако ја погледнеме пошироката слика на европско ниво, доказите се веќе сосема јасни: климатските и еколошките промени создаваат сѐ поповолни услови за ширење на векторски преносливи инфекции. Повисоките температури и подолгите, потопли лета директно ја продолжуваат сезоната во која комарците се активни. Тоа практично му купува повеќе време на вирусот да се шири меѓу луѓето. Светската здравствена организација годинава експлицитно предупреди токму на овој ризик, а Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) оценува дека Западнонилската треска продолжува да се шири во нови европски региони.

      Сепак, кога станува збор конкретно за Македонија, јас би бил многу внимателен пред да донесам категорични заклучоци само врз основа на една сезона. За да кажеме колку климатските промени веќе ја измениле нашата национална епидемиологија, потребни се повеќегодишни податоци за температурите, врнежите, сезонската динамика и густината на векторите, циркулацијата на вирусот кај птиците и животните и човечките инфекции.

      Накратко кажано: биолошкиот механизам и глобалниот тренд ни се јасни, но реалниот ефект кај нас допрва мора прецизно и систематски да го измериме.

      Тоа е уште една причина климатските податоци да станат дел од современиот систем за рано предупредување.

      Ако треба да им кажете на граѓаните само една работа што досега погрешно ја разбравме за Западнонилската треска во Македонија – што би било тоа?

      ПРОФ. ДАНИЛОВСКИ: Можеби најголемата и најопасна заблуда кај нас беше тоа што Западнонилската треска ја доживувавме како проблем кој започнува дури тогаш кога првиот заболен човек ќе заврши во болница. Во природата, овој вирус циркулира многу порано. Појавата на првиот случај на болест не е почеток, туку е веќе доцен сигнал во еден процес кој веќе се одвива.

        Затоа, вистинската превенција не смее да започне со појавата на првиот пациент. Таа мора да започне многу порано — со надзор над комарците, птиците, животните и животната средина. И тоа да биде доволно рано за да можеме да реагираме пред тешко заболен човек да ни стане единствениот аларм.

        Разговараше: Александра М. Бундалевска

        фото: Приватна архива

        Поврзани вести