Skip to main content

Работи што ги имаше во речиси секоја македонска куќа: Ако ги паметите, пораснавте во едно поинакво време

Имаше предмети што не беа само дел од домот – беа дел од секојдневието. Стоеја со години на истото место, ги користеа сите во семејството и никој не размислуваше дека еден ден можеби целосно ќе исчезнат. Во времето кога немаше интернет, паметни телефони и апарати за сè, македонските домови имаа свои мали „ритуали“. Некои од предметите денес речиси и да не се користат, а на оние што ги паметат им враќаат спомени уште на прв поглед.

Кристалните чаши што се вадеа само за гости

Речиси секоја куќа имаше барем еден посебен сервис чаши. Кристални, тенки, украсени, често стоеја во витрина и внимателно се чуваа. Не се користеа секој ден. Тие беа „за гости“.

А кога ќе дојдеа гости, чашите внимателно се вадеа од витрината, се бришeа со крпа и се редеа на масата како да доаѓа најважната посета на светот.

Бонбониерата која никогаш не беше само бонбониера

Кутијата од убавата бонбониера ретко завршуваше во канта. Откако ќе се изедеа бонбоните, во неа можеше да се најде буквално сè – игли, конци, копчиња, шноли, мали алатки, стари фотографии или нешто за кое никој не знаеше каде да го стави.

Ако како дете отворевте кутија од бонбони и наместо чоколадо најдевте конец и игла – знаете за што зборуваме. А сигурно и вие некогаш од бонбониерите од Европа направивте каса и бевте продавачка.

Милјето на телевизорот

Телевизорот беше центарот на дневната соба, а врз него – задолжително милје. Понекогаш бело, понекогаш жолтеникаво, рачно плетено или извезено. На него можеше да стои вазна со вештачко цвеќе, мала статуетка или некој сувенир од странство. И никој не смееше да го помести без причина.

Витрината со „скапите работи“

Во дневната соба имаше место што не беше баш за секојдневна употреба. Витрината. Во неа стоеја чаши, порцелански фигури, сервиси, сувенири, вазни и предмети што најчесто се гледаа, но ретко се допираа.

Некои семејства имаа и посебен сервис кој со години чекаше „за некоја прилика“.

Теглите со слатко

Пред да станат модерни домашните производи во теглички, бабите одамна знаеја како се прави зимница. Во шпајзот или подрумот имаше редови тегли – слатко, мармалад, ајвар, туршија, компоти… А слаткото имаше посебно место.

Кога ќе дојдеше гостин, на масата можеше да се појави мала чинивка со слатко и чаша студена вода. Едноставно, но за многумина денес еден од најубавите спомени од детството.

Телефон со бројчаник

Пред мобилните телефони, еден телефон беше доволен за цело семејство. Стоеше на масичка во ходникот или дневната соба, а бројот се вртеше со прст. И сите знаеја кога ѕвони.

Децата особено добро знаеја дека телефонскиот разговор не треба да трае предолго – не затоа што имале ограничени минути, туку затоа што некој друг можеше да чека да се јави.

Теписите на ѕид

За денешните генерации можеби изгледа необично, но некогаш тепихот не мораше да биде само на под. Имаше теписи (теписерии) и на ѕидовите. Шарени, дебели, често со геометриски или цветни мотиви, тие беа дел од уредувањето на дневната или спалната соба.

Декоративните перничиња што не беа за лежење

На креветот или гарнитурата имаше перничиња кои изгледаа прекрасно. Но не се користеа. Тие беа украс. Пред да легнеш или седнеш, перничињата требаше да се тргнат. А потоа повторно да се вратат на своето место.

Садот за овошје

На средината од масата речиси секогаш имаше сад со овошје. Јаболка, круши, мандарини, грозје – зависно од сезоната.

А понекогаш овошјето беше само за украс и стоеше таму додека не почнеше да ја менува бојата.

Стариот кујнски креденец полн со „за секој случај“

Во кујната секогаш постоеше едно место каде што се чуваше сè. Кеси што можеби ќе затребаат. Тегли што можеби ќе се искористат. Пластични садови. Алуминиумска фолија внимателно превиткана за повторна употреба. Контејнер од сладолед кој одамна не содржеше сладолед, туку нешто сосема друго. Бабите не фрлаа нешто што „може да затреба“.

И, искрено, најчесто навистина затребуваше.

И најважното – куќата полна со луѓе

Можеби најголемата разлика не е во предметите. Туку во тоа како се живееше со нив. Се седеше долго на маса. Телефонот беше еден за сите. Гостите не се најавуваа секогаш. Децата си играа пред зграда или во маало, а соседите знаеја кој каде живее.

Денес многу од тие предмети исчезнаа од домовите или се претворија во украси и спомени.

Но доволно е да видиме стара бонбониера, милје врз телевизор или кристална чаша во витрина и за момент да се вратиме во времето кога куќата можеби беше помала, технологијата беше поскромна, но овие мали предмети беа дел од секојдневниот живот.

Поврзани вести