Skip to main content

Во Битола отворен 35. Интернационален фестивал на класична музика „Интрерфест“

Со балетската претстава „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков, во изведба на Националната опера и балет, синоќа во Битола почна јубилејното, 35-то издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“.

Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и посака добредојде на светските и македонските класици кои деновиве ќе престојуваат во градот на културата.

Убавината на класичната музика и уметност по 35-пат одекнуваат од градот на клавирите благодарение на неуморноста на фестивалските творци почитуваните уметници, брачната двојка Рибарски. Овој фестивал е особено значаен за нашите ученици од Државното музичко училиште и нивните професори кои се покажале и докажале како расадник на уметници во светот на класичната музика, нагласи Коњановски.

Гостите од градот, државата и странство ги поздрави и уметничкиот директор на фестивалот Милица Шперовиќ Рибарски која пред свеченото отворање промовираше ликовна изложба на тема „Современа италијанска графика и цртеж“.

Јубилејното издание на „Интерфест“ вечер продолжува со концерт на Бруно Канино, легенда на италијанскиот пијанизам. Светски познатиот уметник од 20 часот ќе настапи во концертната сала на битолскиот Офицерски дом каде ќе изведе дела од Скарлати, Клементи, Петраси и Дебиси

Поврзани вести