
Протестите поради кризата со домувањето во Шпанија продолжуваат и денеска. Во Мадрид се одржаа демонстрации, каде што се собраа околу 70.000 луѓе, од кои некои носеа постери со кои се повикуваше на национален штрајк, а во Валенсија избувнаа судири, објави шпанската новинска агенција ЕФЕ.
Вкупно, повеќе од 50 слични протести беа организирани во градови низ целата земја. Протестите, организирани од Унијата на станари, доаѓаат по вчерашното отфрлање во Конгресот на пратениците (Долниот дом на Парламентот) на мерките воведени од владата за справување со кризата со домувањето.
Неприфаќањето во Парламентот на мерките на малцинската влада ги поттикна шпекулациите дека премиерот Педро Санчез може да распише предвремени избори наместо да чека на редовните закажани за 2027 година.
Весникот „Ла Паис“ објави, повикувајќи се на извори блиски до Санчез, дека тој планирал да го процени нивото на јавно незадоволство поради неуспехот на мерките во текот на викендот, а потоа да одлучи дали да распише предвремени избори.
Илјадници луѓе се собраа денеска на мадридската Плаза де Сибелес за да побараат намалување на кириите за 50 проценти, воведување на трајни договори за закуп и експропријација на становите од „грабливи фондови“.
Во изјава за медиумите, портпаролката на Синдикатот на станари, Валерија Раку нагласи дека јавната мобилизација е поради гневот предизвикан од иселувањето на постарата жена од нејзиниот дом во Мадрид на 23 септември.
Вчера откривме дека имаме Конгрес заложник на рентиерството. Конгрес целосно исклучен од реалноста на улицата, целосно исклучен од ова општествено мнозинство, од овој општествен консензус што постои меѓу целото наше население, дека рентиерството е рана во нашето општество и дека мора да му ставиме крај“, рече Раку.

Македонски


