
Очекуваме во следниов период да дојде експерт за ампутации од Словенија за да се погледнат опциите за третман на повредените кои имаат ампутации на прсти. Ова денеска го соопшти на прес-конференцијата во Влада, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, зборувајќи за најновите информации во врска со повредените во пожарот во кочанската дискотека.
Дополнително на тоа, за да излеземе во пресрет на потребите на повредените, одобривме контролни прегледи во Пирогов за пациенти, повредените, кои сакаат да бидат контролирани во Пирогов. Во моментов, тоа се шестмина повредени лица. Иако ние апелираме, упатуваме дека најдобро место за третман е Кочани, нагласи Клековски.
Тој рече дека се на пат и се консултираат со експерти од Белгија кои биле тука во првата фаза, да дојдат на една проценка за да се види за натамошни, долгорочни чекори, вклучувајќи устанување на потребата доколку е потребно лекување во странство во некоја од наредните фази на третман на повредените.
Директорот на ФЗО информираше дека 46 или 48 пациенти се пријавени за првата смена и во петок или сабота ќе заминат на рехабилитација на Пониква. На Пониква било извршено дезинфекција, дератизација и дезинсекција на просторот, зголемен бил бројот на хигиеничари од два на пет, за максимално чиста околина.