
Иницијативата „Сапорт Кочани“ ја реализираше донацијата за Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, наменета за повредените во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025.
Како што соопштија од „Сапорт Кочани“, донацијата е формализирана со потпишување договор за донација, и вклучува 100 комплети T-LAB PRP KIT, 10 комплети EXOMINE SMART KIT, четири пакувања аминокиселини и четири пакувања протеини.
Вкупната вредност на донацијата изнесува 286.120 денари и е целосно обезбедена преку донации од хумани граѓани и компании, кои континуирано ја поддржуваат иницијативата „Сапорт Кочани“.
Донираните материјални добра се наменети за третман и регенерација на кожата, забрзување на зараснување на рани и подобрување на заздравувањето кај пациентите со тешки повреди од изгореници. Нутритивната поддршка претставува дополнителна помош за јакнење на организмот во процесот на рехабилитација, информира „Сапорт Кочани“.
Медицинската опрема и суплементи се веќе доставени на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, каде активно се користат во третманот на повредените.
Во рамки на посетата, тимот на „Сапорт Кочани“ ги посетил и пациентите кои сè уште се хоспитализирани на Клиниката и лично им изразиле поддршка и желби за побрзо закрепнување.
Продолжуваме со фокусирана, директна и одговорна поддршка за секој поединец кој е засегнат од трагедијата. Оваа соработка со една од клучните здравствени установи во државата претставува важен чекор во обезбедувањето на стручна медицинска нега. Искрено им благодариме на сите хумани граѓани, компании и поддржувачи – токму тие ја направија оваа помош возможна, истакнуваат од „Сапорт Кочани“.
Од оваа иницијатива нагласуваат дека остануваат посветени на „транспарентност, партнерство со институциите и долгорочна грижа за сите погодени лица“.