Skip to main content
Институт за јавно здравје

Препораки за претстојниот топлотен бран

Поради најава од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за очекувани повисоки максимални дневни температури од 24 до 27 јуни 2025 година, Институт за јавно здравје повикува на почитување на мерките на заштита на здравјето на општата популација и на ранливите групи на население во услови на високи амбиентни температури.

Покрај другите, за ранливи категории на луѓе се сметаат лицата кои работат во надворешни услови и се повеќе изложени на влијанието на топлотните бранови, или лица кои работат на работни места изложени на висока температура и топлинско зрачење, лица кои губат премногу течности за време на работата итн., може да се почувствителни на болести поврзани со топло време. На пример: градежни работници, земјоделци, сообраќајна полиција, работници за испорака и сл.

Препораки за заштита на работниците од високи температури

За работодавачите:

· Проверка и одржување на техничко-технолошки мерки како вентилација, климатизација, редовно мерење на амбиентната температура и со поставување на работните станици што е можно подалеку од сончева светлина и извори на топлина;

· Обезбедување минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште“ (каде што вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата);

· Да се земе предвид можноста за потенцијално работење онлајн, флексибилно работно време, двократно работење, надополнување на изгубеното работно време и други модалитети;

· Избегнување работа на отворено од 11 до 17 ч., почести паузи и достапност на течности и електролити;

· Ротација на работните задачи и преместување на работниците во постудени простории секогаш кога е тоа можно. Обезбедување поголем број работници, по потреба;

· Почести паузи во текот на работата, разладување на вработените со обезбедување климатизирани простории и течности за пиење и електролити;

· Намалување на интензитетот на работата и нормите во производството;

· Избегнување прекувремената работа;

· Прекин на работата при потреба;

· Внимателност со ранливите групи вработени (постари работници, хронични болни, лица со зголемена телесна тежина, бремени жени и др.) и нивно прераспределување работни места соодветни за нивната состојба;

· Обезбедување соодветни лични заштитни средства и дозволување нивно отстранување за време на паузите;

· Надзор при работа со хемикалии поради зголемена опасност од интоксикација, спречување на прекувремена работа и поттикнување самопријава на симптоми.

За вработените:

· Врамнотежена исхрана, внесување минимум 2 l вода дневно, избегнување алкохол и кофеин, и внесување електролити при засилено потење;

· Редовен одмор, доволно спиење, туширање и едукација за прилагодување на високи температури;

· Носење лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капи и крем со УВ фактор 30+ при работа на отворено;

· Препознавање симптоми на топлотен удар (вртоглавица, замор, вознемиреност, повраќање) и будност за колегите. Не смее да се дозволи на вработен со симптоми на топлинска болест да замине од работното место дури не се стабилизира односно не добие соодветен третман.

Прва помош:
· При симптоми на топлотен удар веднаш повикај 194 или 112.

· Лицето да се префрли во разладена просторија, да легне хоризонтално со подигнати нозе, да се лади со ладни облози и прскање со вода;

· Да не се дава терапија додека не пристигне лекарска помош;

· Ако е во бессознание, да се постави во странична положба.

Вонредни прегледи:

Вонредните прегледи се спроведуваат од страна специјалистот по медицина на трудот за ранливите категории, со цел да се добие индивидуализиран пристап за работоспособноста на вработениот во дадените услови со оглед на неговата здравствена состојба, како и консултации со избраниот лекар за аплицираната терапија или потребата од боледувања.

Секако, останува потребата од почитување на општите препораки за заштита на населението од топлотните бранови.

Поврзани вести