Skip to main content

Популарните лекови за слабеење кријат непријатно изненадување

Фрипик

Лековите од класата GLP-1, како што се Ozempic и Wegovy, донесоа значителен напредок во третманот на дебелината и дијабетесот тип 2, но новите истражувања предупредуваат на можна поврзаност со зголемен ризик од опаѓање на косата.

Студија објавена во списанието The British Medical Journal, предводена од научници од Универзитетот во Пенсилванија (САД), направи споредба меѓу агонистите на рецепторите за глукагон-сличен пептид-1 (GLP-1) и две воспоставени терапии за дијабетес: SGLT-2 инхибиторите и DPP-4 инхибиторите.

Според авторите на студијата, „употребата на агонисти на GLP-1 рецепторите беше поврзана со поголем ризик од клинички евидентирана алопеција – конкретно алопеција без лузни – кај пациенти со дијабетес тип 2, во споредба со SGLT-2 инхибиторите и DPP-4 инхибиторите“, пренесува Science Alert.

Алопецијата без лузни е форма на опаѓање на косата кај која е можен нејзин повторен раст.

Анализата во студијата опфати две споредби. Во првата се споредуваа 12.004 корисници на лекови од групата GLP-1 со 15.221 корисник на SGLT-2 инхибитори, додека во втората се споредуваа 11.964 корисници на лекови од групата GLP-1 со 11.233 корисници на DPP-4 инхибитори. Во статистичката анализа беа земени предвид возраста, полот, етничката припадност и претходно постоечките здравствени состојби.

Во споредба со лицата кои земале SGLT-2 инхибитори, корисниците на лекови од групата GLP-1 имале 37 отсто поголем ризик од опаѓање на косата. Во споредба со групата што земала DPP-4 инхибитори, тој ризик бил за 68 отсто поголем.

Во студијата се наведува дека брзото губење на тежината, во комбинација со недостаток на железо и цинк, може да го наруши нормалниот циклус на раст на косата.

Лековите од групата GLP-1 го имитираат дејството на природниот хормон „глукагон-сличен пептид-1“ (GLP-1) преку активирање на GLP-1 рецепторите, со што го намалуваат апетитот, го забавуваат варењето и го стимулираат лачењето на инсулин. Претходните студии исто така ги истражуваа потенцијалните врски со нарушувања на коските и зглобовите, ненадејно губење на видот, како и заштитните ефекти против деменција и одредени видови рак.

Иако апсолутниот ризик е низок, свесноста за овој потенцијален ефект може да помогне при носењето одлуки за лекување“, заклучија авторите на студијата.

Тие исто така напоменаа дека медицинската документација не овозможила целосна проценка на сериозноста, времетраењето или можноста за повратност на процесот на опаѓање на косата.