
Температури значително над просекот се очекуваат во голем дел од Европа во последните денови од месецов, а според прогнозите, затоплувањето би можело да продолжи и во првите денови од октомври.
Причина за ваквата временска состојба е силната област со висок воздушен притисок што се очекува да се формира над континентот. Таа ќе овозможи продор на топол воздух од Медитеранот и Северна Африка кон северните делови на Европа.
Во западна, централна и северна Европа температурите на височина би можеле да бидат дури 8 до 12 степени над вообичаените вредности за овој период. На земја, во повеќе подрачја температурите ќе надминат 25 степени, а локално би можеле да достигнат и 30 степени.
Топлиот воздух постепено ќе се проширува и кон Балканот. Во северна Италија и централниот Балкан се очекуваат температури од 28 до 30 степени.
Затоплувањето ќе биде почувствувано и во Македонија. За недела, 27 септември, прогнозите покажуваат максимални температури од 20 до 27 степени, додека до вторник, 29 септември, во одредени делови од земјата температурите би можеле да достигнат околу 30 степени.
Најголеми отстапувања од просечните температури се очекуваат во северниот и централниот Балкан, Грција, како и во делови од Италија, особено во долината на реката По и Тоскана.

Македонски


