
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски објави дека е воспоставено долгорочно партнерство со „Скопје Филм Студио“ и Скопскиот филмски фестивал.
Со Томи Салковски, управител на „Скопје Филм Студио“ и организатор на Скопскиот филмски фестивал, потпишавме Меморандум за соработка со кој воспоставуваме долгорочно партнерство за развој на филмската уметност, збогатување на културната понуда и посилна меѓународна афирмација на Скопје, објави Ѓорѓиевски.
Според него, Скопје има силна филмска традиција, талентирани автори и публика која заслужува квалитетна и достапна култура.
Со соработката, како што посочува Ѓорѓиевски, се создаваат услови за натамошен развој на фестивалот и негово поцврсто позиционирање на регионалната и европската културна сцена.
Во рамки на партнерството се предвидени европски филмски програми, меѓународни партнерства и активности наменети за младата публика, со цел отворање нови можности за авторите и посилно претставување на македонската кинематографија пред европската публика.
„Во пресрет на „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, продолжуваме да градиме партнерства што ќе придонесат за траен развој на културниот живот во градот“, порача Ѓорѓиевски.
Тој додава дека Скопје има приказни кои заслужуваат да го обиколат светот и таленти кои заслужуваат поддршка.
„Наша обврска е да им овозможиме простор да создаваат и да успеваат“, порача градоначалникот.

Македонски


