
Епидемиолошката состојба во Гостивар покажува благо подобрување, со намален број граѓани кои побарале медицинска помош, додека здравствените власти регистрирале нов сомнителен случај на Западнонилска треска, соопшти Министерството за здравство.
Според информациите од Министерството, надлежните здравствени институции продолжуваат со засилен епидемиолошки надзор и координирани активности на терен.
Во текот на 3 август биле извршени вкупно 78 прегледи, што е за шест помалку во однос на претходниот ден, кога биле евидентирани 84 прегледи, што укажува на благ тренд на намалување на бројот на пациенти.
Истовремено, на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје е регистриран еден нов сомнителен случај на Западнонилска треска. Во тек се лабораториски анализи со кои треба да се потврди или исклучи присуството на вирусот.
Од Министерството за здравство информираат дека остануваат во постојана координација со сите релевантни здравствени установи и најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите нови информации поврзани со состојбата.

Македонски


