Skip to main content

Mарт – месец за подигнување на свеста за симптомите од ендометриоза

Март е месец посветен на подигнување на свеста за ендометриозата – време да зборуваме отворено, да ги разбиеме митовите и да ги охрабриме жените да побараат помош, велат од Македонската асоцијација на гинеколози и опстеричари (МАГО).

Ендометриозата е хронична болест при која ткиво слично на ендометриумот (ткиво кое ја обложува внатрешноста на матката) расте надвор од матката, предизвикувајќи воспаление, болка и понекогаш неплодност.

Се проценува дека околу 190 милиони жени и девојки во репродуктивна возраст (околу 10%) во светот се погодени од оваа состојба.

Дијагнозата често доцни – во просек од 8 до 12 години од појавата на првите симптоми. Причина за ова е што болката често се смета за „нормален дел од менструацијата“, а многу жени не бараат медицинска помош навреме.

Ендометриозата може значително да го намали квалитетот на живот, да влијае на менталното здравје и работната способност, а кај 25–50% од жените со неплодност е присутна ендометриоза.

Митови и факти за ендометриозата

Мит: Силната менструална болка е нормална.

Факт: Болка која ве спречува во секојдневните активности не е нормална и бара медицинска проценка.

Мит: Само постари жени имаат ендометриоза.

Факт: Ендометриозата може да започне уште во адолесценција.

Мит: Ако имате ендометриоза, нема да можете да забремените.

Факт: Многу жени со ендометриоза успешно забременуваат, особено со соодветен третман.

Мит: Болеста се лекува со бременост.

Факт: Бременоста може привремено да ги намали симптомите, но не ја лекува болеста.

Зошто е важно раното препознавање?

Раното препознавање и соодветниот третман можат да помогнат во:

  • намалување на хроничната болка
  • подобрување на квалитетот на живот
  • зачувување на репродуктивното здравје
  • намалување на компликациите

Достапните третмани вклучуваат медикаментозна терапија, хормонска терапија и хируршки третман, во зависност од симптомите и индивидуалните потреби на пациентката.

Ниту една жена не треба да живее со хронична болка како „нормална“.

Препознавањето на симптомите, навременото обраќање кај гинеколог и информираноста се клучни чекори за рана дијагноза и подобар квалитет на живот.

Поврзани вести