Skip to main content

Комитетот за здравство на ЕП иницираше анкета за здравјето на жените

Комитетот за јавно здравство на Европскиот парламент по повод Меѓународниот ден на жената – 8 март, започна анкета за истражување на состојбите со здравјето на жените.

Како што соопшти Прес-службата на Европарламентот, целта на оваа анкета е преку сослушување на искуства, предлози и мислења да се обезбедат материјали за идната работа на Комитетот за јавно здравство (САНТ) поврзана со здравјето на жените.

Анонимната онлајн анкета ќе трае еден месец и на неа може да учествуваат поединци и заинтересирани страни, како здравствени организации, фармацевтската индустрија или невладини организации.

Слична анкета поврзана со ретките болести, Комитетот за јавно здравство започна и на Денот на ретките болести – 28 февруари.

Според статистичките податоци, жените во ЕУ заболуваат многу почесто од мажите, што се припишува на „значителниот родов јаз во здравствената заштита“ во земјите членки на Унијата.

Во здравствените извештаи се посочува дека жените се соочуваат со повеќе предизвици кои негативно влијаат на нивната благосостојба, вклучително и задоцнети дијагнози и ограничен пристап до основните здравствени услуги.

Во Патоказот за правата на жените, што Европската комисија го промовираше во петокот во пресрет на 8 март, се посочува дека подобрувањето на здравствените стандарди за жените е еден од клучните принципи за унапредување на правата на жените и за обезбедувањето родова еднаквост.

Поврзани вести