Skip to main content

Ќе се проверува како работат приватните и државните болници што се занимаваат со кардиоваскуларна патологија

Фрипик

Во план е студија околу тоа како се работи во приватните и државните болници низ државава што се занимаваат со кардиоваскуларна патологија, информираше на денешната прес-конференција, претседавачот на Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции, доктор Жарко Христовски, одговарајќи на новинарско прашање.

Јавноста на прес-конференцијата во Владата беше информирана дека до Комисијата досега биле доставени 25 случаи. Комисијата утврдила дека шест од случаите треба да се испратат до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, бидејќи истата не е надлежна. Анализирани биле 19 случаи од кои кај 10 случаи, Комисијата утврдила дека се непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција.

Тоа значи е првично на основа на она што можевме сега да изработиме и заради тоа излеговме бидејќи знаеме дека е голем интерес на јавноста, меѓутоа нашата работа треба да заврши со професионален извештај што ќе даде комплетен сеопфатен приказ на секој поединечен случај, зашто се работи за човечки животи и не само за финансиски средства. И ќе треба да влеземе малку … ова сега работевме само по пријави. Ова се пријавени пациенти коишто доставиле свое барање – претставка до Фондот или институции со поставен сомнеж за одредена процедура. Така што, приказната продолжува, ние сме некаде малку порано од половината. Уште многу имаме да работиме само за овие случаи, а за она другото за што планираме – тоа е навлегување малку подлабоко со една рандом студија, каде и како се работи во секоја институција, не само во приватните, туку и во државните, ќе следи во наредниот период, соопшти Христовски.

Тој рече дека станувало збор за сите болници што се занимаваат со кардиоваскуларна патологија.

Не само во кардиохирургија, овде се работи за кардиоваскуларна медицина. Во сите болници што се бават со кардиоваскуларна патологија. Тоа значи ширум Македонија, сите болници што се бават со кардиоваскуларна патологија, ќе нè интересира како се пристапува. И нас ќе нè интересира и не постапување – не само постапување, рече тој.

На новинарско прашање околу тоа во кои болници се утврдени непотребно извршени операции или имало непотребно упатени за операција, Христовски порача да се почека да се заврши комплетниот извештај.

Кога не се комплетни извештаите, посочувате со прст кон нешто што апсолутно, ниту е етички, ниту е законски, рече Христовски меѓу другото.

На новинарско прашање за тоа дека пациенти се жалат на лоши услови во кумановската болница, министерот Азир Алиу одговори дека надлежните ќе одат чекор по чекор за да се подобри инфраструктурата во државата.

Условите во здравството, за жал, не се лоши само во Куманово, туку насекаде. Не се на нивото – основно ниво за едно примарно, секундардно, терцијарно здравство. Не случајно работиме во три насоки. Аспект на инфраструктура, потоа дигитализација и аспект на човечки ресурси, посочи министерот.