Skip to main content

Етичката комисија на Лекарската комора упати јавна морална осуда, д-р Игор Кузмановски останува без активна лиценца за вршење докторка дејност

Комисијата за етички и правни прашања при Лекарска комора, постапувајќи по случајот со видеоснимката објавена на социјалните медиуми во која е инволвиран д-р Игор Кузмановски, упатува јавна морална осуда за настанот. Д-р Кузмановски и понатаму останува без активна лиценца за вршење докторска дејност. Доставеното барање за повторно стекнување со лиценца ќе биде дополнително разгледано, велат од Лекарската комора.

Оваа се прави со цел да се заштити интегритетот и угледот на лекарската професија, бидејќи однесувањето прикажано на снимката ги нарушува довербата во професијата и не е во согласност со високите морално-етички стандарди кои се очекуваат, се вели во соопштението на Лекарската комора.

Комората нагласува дека д-р Кузмановски, како и секој лекар, треба да биде свесен за својата улога и значење во заедницата.

Од лекарите се очекува, како во професионалниот, така и во приватниот живот, да негуваат и покажуваат лични квалитети кои соодветствуваат на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Секој несоодветен, лекомислен, нечесен или понижувачки акт, покрај тоа што го компромитира самиот поединец, истовремено ги компромитира и сите негови колеги, велат од Комората.

На состанокот на Комисијата, детално беа разгледани документите добиени од Министерството за здравство, а беше направена и проверка на поднесените претставки до Комората за евентуални етички пропусти во работењето, при што беше констатирано дека нема случај поврзан со д-р Кузмановски. Со цел да може да се обезбедат соодветни факти и да се добие целосна слика за етичкото однесување на докторот во изминатиот период, што сметаме дека е важно во оваа ситуација, Комисијата цени дека е важно да ги имаат на увид и извештаи од стручните комисии формирани за овој случај од страна на Министерството за здравство и од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија. По добивањето на овие официјални извештаи и комплетирањето на информациите, Комисијата ќе донесе заклучок за понатамошно постапување во однос на прекршувањето на етичките норми.

Проф. д-р Кузмановски беше директор на Клиниката за Неврологија. На социјалните медиуми се појави видео во кое Кузмановски во домашна атмосфера меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијација за кокаин и разговара со друго лице. Министерот за здравство Азир Алиу веднаш го разреши, откако се појави снимката во јавност.

Потоа Лекарската комора соопшти дека д-р Кузмановски немал активна лиценца за работа. Вчера Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) му изрече казна во висина од 500 до 1000 евра бидејќи работел без важечка лиценца за работа.

Поврзани вести