Skip to main content

Д-р Ѓоргиевска Павловска: Нема потреба од донација на кожа за трансплантација, повредените од кочанскиот пожар да не користат домашни креми и мелеми за изгореници

Александар Ивановски / Д-р Ѓоргиевска - Павловска: Пациентите оваа година не смеат да излегуваат на сонце

По информацијата дека на еден од пациентите кои настрадаа во пожарот во Кочани на 16 март, кога загинаа 59 лица од кои 6 деца, а околу 200 се повредени од кои 25 деца, на социјалните мрежи лица нудеа донација на кожа. Примариус д-р Јасмина Ѓоргиевска – Павловска, директорка на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во изјава за „Република“ вели дека такво нешто не е потребно, бидејќи најчесто кај пациентите се пресадува сопствена кожа.

За трансплантација на кожа ние најчесто ги користиме автологните графтови, односно се зима кожа од самиот пациент, доколку е тоа возможно. Кај овие изгореници, кај овие пациенти, не се многу екстензивни, не се во голем процент, туку се 10, најмногу 20 отсто. Но, проблемот е што е тој длабок степен, втор Б и трет степен, каде што ја зафаќаат скоро целата дебелина на кожата. Овде, во зависност од тоа за кој третман ќе се одлучиме, дали примарно ќе се пресадува кожа или одложено, и двата третмани се по светските стандарди и протоколи на Светското здружение за изгореници. Сите ние, докторите, работиме по овие протоколи на Светското здружение за начинот и типот на лекување на изгорениците, вели д-р Ѓоргиевска – Павловска.

За понудата на разни масти, балзами и кремови за изгореници, д-р Ѓоргиевска – Павловска предупредува пациентите да бидат многу внимателни и апелира тие да преврзуваат во здравствени установи.

Тие балзами постоеле и претходно. Сме лекувале пациенти кои користеле такви масти со кои потоа се се продлабочувала изгореницата. Со вакви и слични кремови се случува да се јават локални инфекции. Пациентите ги користат извесно време, раната не зараснува, и кај доаѓаат на Клиниката во многу потежок стадиум. Сите изгореници е најдобро уште на почеток да се лечат во здравствени установи каде што има соодветна терапија, преврски, лекови, вели директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Пациентите оваа година не смеат да излегуваат на сонце. Мора да користат заштитна крема со фактор 50, капа задолжително, дури и ракавици кај пациентите кои имаат изгореници на горните екстремитети, додава д-р Ѓоргиевска – Павловска

Поврзани вести