Skip to main content
ГОРАН НИКОВСКИ, ПРОФЕСОР ПО СПОРТСКА РЕКРЕАЦИЈА НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА ФИЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ, СПОРТ И ЗДРАВЈЕ ВО СКОПЈЕ

Бидете му пример на детето, ако ве гледа дека имате здрави навики за вежбање, голема е веројатноста и тоа да ги следи

Проф. д-р Никовски: Во превенцијата на хроничните болести, може да се делува уште од најраниот период

Позитивен став кон животот е рецептот за долг, здрав и исполнет живот на д-р Горан Никовски, професор по спортска рекреација, модерен аеробик, пилатес и тенис на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје.

Тој советува секогаш да најдеме време за себе, за добро расположение, позитивна мисла и физичка акттивност.

Не зависете од никого и сами бирајте ја околината и друштвото. Во Финска се работи на „рецепт за живот“, а веројатно таму се физичката активност и начинот на исхрана, вели во интервју за „Република“ проф. д-р Никовски.

Со него разговаравме за движењето, колку им е потребна физичка активност на децата, како недостатокот на движење влијае врз физичкиот и психичкиот развој, каква е улогата на родителите и училиштето во создавање на здрави навики, за 10.000 чекори дали се доволни и дали научно се поткрепени овие тврдења, како помага редовното движење во намалување на стресот, анксиозноста, дали организираниот спорт е доволен или на децата им треба слободна, спонтана игра.

Оваа генерација на деца ќе живее пократко од нивните родители. Медицината веќе има докажано дека човекот е предодреден да живее и до 120 години. До каде сме ние и нашето општество? Современиот начин на живот со своите предности и мани го наплаќа својот долг, со посебен акцент на младата попуалција. Физичката неактивност е помеѓу водечкиот фактор за смртност на лицата со шест отсто, веднаш по крвниот притисок со 13 отсто, пушењето цигари со 9 отсто, високото ниво на шеќер шест отсто, а прекумерната телесна тежина е одговорна за пет отсто смртни случаи во светот, вели проф. д-р Никовски.

Проф. д-р Никовски: Секогаш најдете време за себе, за добро расположение, позитивна мисла и физичка акттивност / Фото: Република

Зошто движењето е основна човечка потреба и како недостатокот од физичка активност влијае врз современиот начин на живот?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: Движењето е основна потреба на човекот и егзоген фактор кој влијаел на растот и развојот. Историски, човекот опстанал и се усовршувал, станал совршено биолошко суштество преку физичка активност. Пред 200 години се соочувавме со 16 часовно работно време и малку слободно време. Денес имаме повеќе слободно време, но дали знаеме квалитетно да го искористиме и дали го користиме за физичка активност? Од друга страна, спрема анатомската градба, човекот е предодреден да трча, а не да седи и да оди. Потребно е правилно функционирање на сите органи и органски системи. Недоволната физичка активност е меѓу водечките фактори на ризик на смртност и еден од најважните ризик фактори за кој е потребна рана превентива. Кардиоваскуларни болести, дијабет тип 2, прекумерна телесна тежина се сериозен проблем со кој се соочуваме денес, како и менталното здравје, депресијата, анксиозноста.

Од друга страна, доволната физичка активност и правилната исхрана се клучни фактори во превенција и лечење на прекумерна телесна тежина, која е глобална епидемија со бројни здравствени и економски последици.

Дали денешниот човек се движи помалку отколку претходните генерации и кои се последиците?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: Да, секако дека е така. Тоа што можам од секојдневниот живот да го видам и спрема научните истражувања е дека физичката неактивност е четврти ризик фактор за општа смртност. Почетоците на појава на хроничните болести се поврзани со периодот на детство и адолесценција. Во превенцијата на хроничните болести, може да се делува уште од најраниот период. Со зголемувањето на бројот на ризик фактори се зголемува и ризикот од развој на хронични болести на срцево садовниот систем. Модерниот начин на живот создаде модерни болести како кардиоваскуларни болести и дијабет тип 2. Дијабет тип 2 е пандемија, всушност. Други општества прават стратегии за повеќе физичка активност, повеќе часови по физичко во училиштата, а кај нас сè уште нема системско решение, иако има позитивни трендови. Човекот порано повеќе се движеше и мислам дека треба многу повеќе да се направи преку промоција на физичката активност, што кај нас е недоволна. Денес акцентот е ставен на организирани активности, а фали неорганизираната активност во слободно време, она што се нарекува „после часовите“. Постои сериозен расчекор околу времето поминато во движење некогаш и денес. Секое време има свои предности и недостатоци. Можностите во денешното време се поголеми, но прашањето е дали се искористени. Зголемен е бројот на деца кои посетуваат фитнес центри, но е намален бројот на млади кои ја користат природата, која ја сметам за клучен фактор за развојот на децата и младите. На пример, Водно, чие подножје е речиси од центарот на Скопје. Предлогот за воведување на активностите во природа во образованиот процес е одлична идеја, која, сепак, не е нова. Ако таа идеја не се спроведе на соодветен начин, може да има уште понегативни последици.

Колку физичката активност им е потребна на децата во текот на денот според современите препораки?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: За деца и адолесценти, дневен минимум на препорачана физичка активност е 60 минути. Во последно време се смета дека тоа е недоволно за одржување и подобрување на функционалните способности и здравствената состојба во целост. Исто така е недоволно и за превенција од хронични болести. Лично, како и многу други, не само од областа на кинезиологијата, односно физичката култура сметам дека потребно е повеќе време и повеќе активности. За жал, извештаите велат дека голем дел од адолесцентите во развиените земји не го задоволуваат препорачаниот минимум од 60 минути. Во последен период се менуваат и препораките и се смета дека на вообичаените дневни активности треба да се додадат тие 60 мин. вклучувајќи и вежби за мускулна сила како и скратување на времето поминато во седечка положба. За возрасните препорака е да бидат активни 150 минути неделно со активности од умерени до интензивни оптоварувања, но сето тоа дозирано спрема возраста, полот, здравствената состојба.

Проф. д-р Никовски: Физичката неактивност е четврти ризик фактор за општа смртност / Фото: Република

Тогаш, како овој недостаток на движење влијае кај децата и врз физичкиот и врз менталниот раст?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: Физичката активност и секојдневната физичка активност, каде што родителите треба да одиграат главна улога, е клучна. Трите најважни социјални фактори се родителите, училиштето и околината. Клучот за создавање и развој на секој човек е во детството и со правилно формирање навики физичката активност да стане целодневна рутина. Недостатокот на физичка активност влијае, покрај на физичкиот развој, така и на менталното здравје. Физичката активност придонесува до психолошка добросостојба, влијаејќи на намалување на негативното влијание на стресот и подигнувањето на расположението, како и фактор на подобрувањето на квалитетот на живот. Позитивно делува особено кај децата и младите на подигнување на самодовербата, самопочитувањето, концентрација за време на часовите, задовоството со физичкиот изглед, но и на социјалните придобивки. Физичката активност често се користи како „издувен вентил“ и средство за намалување на различни стресори. Физичката активност ја подобрува когнитивната функција, но е и како терапија за симптомите на депресија, анкциозност, зависности итн. За постигнување на позитивни психолошки промени се препорачува: аеробна, некомпетитивна, затворена/ сала (не размислува за условите во околината, репетитивна (повторувачка) и ритмичка активност, активности кои го промовираат ритмичкото, абдоминално дишење, активности во природа. Секако дека треба да се напомене дека за постигнување на посакувани резултати потребно да се постави оптимална програма (вид на активност, интензитет, времетраење, честота/колку пати во неделата). Позитивни физиолошки и биохемиски промени: се лачи ендорфинот – природен аналгетик – делува како природен морфиум, серотонин – молекул на среќата, допамин – потикнува мотивација, окситоцин– хормон на љубовта. Секако дека доколку не се води сметка за видот на вежбањето, интензитетот, времетраењето, може да се има и негативни резултати.

Каков треба да биде часот по физичко? Дали им е потребен фудбал, кошарка, или денешните се преориентирани кон фитнес?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: Јас обожавам и фудбал и кошарка, но младите се повеќе преориентирани кон фитнес и да изгледаат добро, и тоа е позитивно. Проблем е што никој не ги прати нивните потреби и промените што се случуваат, па можеби треба повеќе фитнес на часовите, прилагодено на возраста. Но, да биде јасно, тоа не значи дека дете од 13 години ќе крева товар на час по физичко. Треба да разликуваме физичка активност, вежбање и спортски тренинг. Раната специјализација и инсистирањето на спортски тренинг е негативна тенденција кај нас. Ако физичката активност не е соодветна по обем и интензитет според возраста, може да донесе негативни последици врз физичкиот и менталниот развој.

Дали организираниот спорт е доволен, или на децата им е потребна и слободна спонтана игра?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: Еден од клучните фактори за правилен раст и развој кај децата и младите се и организираните активности. Покрај ова да не го заборавиме исто така големото значење на слободните или спонтаните активност, кои се еден од клучните фактори во развојот на младите. Со овие активности детето слободното време низ играта гo поврзува преку одредени поими: слобода, насмевка, самоизразување, задоволување на потребата за игра, без присила, забава, веселост, квалитет, самоиницијативност, доживување, креативност и самодоверба. Сето ова наброено го има во наједноставните, по малку заборавени игри кои беа дел од нашето секојдневие, како: жмурка, брканица, камај и многу други. Овие игри ги практицираме и со студентите, бидејќи играта е важна за развој. Преку играта се развива и стимулира интелектуалниот развој.

Каква е улогата на родителите во создавањето редовни здрави навики?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: Родителите се првиот пример за своите деца и затоа нивната улига е незаменлива. Децата ги имитираат родителите и тука важи правилото: Не им зборувајте премногу, покажете им. Ако детето ве гледа дека имате здрави навики за вежбање, голема е веројатноста и тоа да ги следи. Меѓутоа сметам дека, но и она што можам да го видам, многу малку родители го посветуваат дел од своето време за игра со своите деца. На децата им недостасува присуството на родителите. На овој начин децата од овие генерации тешко ќе можат да го искажат својот полн капацитет. Училиштата исто така играат клучна улога во обликувањето на детското здравје. Во поголемиот број на истражувања и проекти, резултатите од тестовите и оцените од клучните школски предмети нема да се намалат, ако се зголеми бројот на часови наменети за физичка активност на сметка на другите предмети. Напротив, сите тие проекти довеле до подобрување на здравјето на децата. Ако навистина сакаме да компензираме со пасивниот начин на живот на ученикот најдобар начин е вклучување на разни физички активности. Раниот почеток на практикување на физички активности е насочен да им помогне на најмладите да развијат одредени ставови, мислења и однесувања кои ќе им помогнат да ги изградат клучните вредности во однос на здравиот начин на живеење. Според националната асоцијација за спорт и физичко воспитување, предшколските установи се идеално место за воспоставување на здрави навики-што порано, тоа подобро.

Кои се минималните препораки за физичка активност кај возрасни лица?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: Препораката е три до пет пати неделно физичка активност. Но, мое мислење е дека може да биде секојдневно, со примена на различни активности од различен карактер во согласност со возраста, полото, здравствената состојба, претходното искуство.. Тоа може да биде јога, медитација, пилатес, аеробик, планинарење, баскет, фудбал, пливање, возење велосипед, фитнес, домашни активности итн.

Проф. д-р Никовски: Според националната асоцијација за спорт и физичко воспитување, предшколските установи се идеално место за воспоставување на здрави навики-што порано, тоа подобро

Често се споменуваат 10.000 чекори дневно, дали оваа бројка е навистина научно оправдана?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: Честопати се споменуваат поминувањето на одреден број на чекори. Постојат истражувања кои даваат различни препораки за бројот на чекорите. Уште во 1975 година јапонски и чешки автори велат дека човек треба да направи меѓу 10.000 и 14.000 чекори дневно, за да може организмот правилно да функционира. Не треба да се заборави дека условите на живот се изменети и дека тој број на чекори во дневна доза или еден час вежбање е тешко да се направат, но затоа, може да кажам, да не се врзуваме толку за бројот на чекорите, туку да се препуштиме на активност по слободен избор или во препорачана активност со препорачаните обележја на активноста, вежбањето, тренингот, по кој ќе бидеме полни со позитивна енергија и задоволство.

Според Вас, како е најдобро да се одржува зравиот начин на живот?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: Новите генерации треба да ги учиме од најмала возраст на физичка активност. Создадените здрави навики во раното детство оставаат целоживотна форма и рутина за физичка активност.

Како физичката активност влијае врз менталното здравје?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: Стресот е „убиец број еден“, и физичката активност има голема улога за менталното здравје, особено затоа што депресија и анксиозност се последици на модерниот начин на живот. Многу е важно да се формираат здрави навики за вежбање за полесно справување со стресогени фактори во денот. Ако цел ден има стрес, физичката активност треба да е со поумерен интензитет (јога, медитација, пешачење, велосипед), затоа што компетитивни спортови понекогаш додаваат стрес. Аеробни активности како пешачење, трчање, пливање и велосипед се добри за справување со стрес.

Проф. д-р Никовски: Уживајте во вежбањето и не заборавајте, здравјето на прво место, а не резултатот

Дали физичката активност ја подобрува концентрацијата и способноста?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: Да, има истражувања дека часовите по физичко ја зголемуваат концентрацијата кај децата, а и кај повозрасните. Важно е да не се ограничиме само на телото: комбинацијата физичка активност, читање, учење и исхрана е „мозаик“ што се склопува. Пример е Леон Штукељ, југословенски гимнастичар од словенечко потекло, освојувач на првиот златен олимписки медал за Југославија. Неговиот рецепт за долг и здрав живот е во умереноста, и во храната и во пиењето, а посебно е важно бавењето со различни форми на рекреација. Затоа толку добро се чувствувам и во длабоката старост, рекол Штукељ во пресрет на 100-от роденден.

Кој е вашиот рецепт за долг, здрав и исполнет живот?

ПРОФ. Д-Р НИКОВСКИ: Во Финска се работи на „рецепт за здравје“, а веројатно таму се физичката активност и начинот на исхрана. Мој рецепт е позитивен став кон животот, иако е лесно да се каже, а тешко да се постигне. Наоѓајте време за себе, за добро расположение и позитивна мисла, физичка активност, да не зависите од никого и сами бирајте ја околината и друштвото. Уживајте во вежбањето и не заборавајте, здравјето на прво место, а не резултатот. Не претерувајте со ништо во животот, па така и во вежбањето. Тоа треба да биде пред се задоволство!

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Република

Поврзани вести