
62-годишен маж од Тетово е четвртата жртва од грип сезонава, пишува во извештајот кој го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска. Бројот на заболени од грип е намален за 12, 3 отсто во споредба на претходната недела, а во однос на возраста се пријавени 866 заразении на возраст од 15 до 64 години. Највисока инциденца е регистрирана кај деца од 0 до 4 години, а најмногу заразени има во Скопје.
Во текот на петтата недела од 2026 година, пријавено е едно починато лице асоцирано со грип. Се работи за машко лицe на возраст од 62 години од Тетово кое било хоспитализирано на инфективното одделение Клиничка болница Тетово. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Лабораториски е потврдена Influenza А(H3), се вели во извештајот.
Во текот на петтата недела од 2026 година (26.01-01.02.2026), во Македонија се пријавени 1.498 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, 12,3% помалку во споредба со претходната недела.
Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со петтата недела од минатата сезона (n=3.036) е намален за 50,7%, а во споредба со бројот за петтата недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 15 сезони) (n=2.656), намален е за 43,6%.
Во однос на возрасната дистрибуција, 866 лица се на возраст од 15-64 години, 247 се деца на возраст
од 5-14 години, 224 се лица на возраст над 65 години, 161 – деца на возраст од 0-4 години. Највисока
инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.
Заболените лица се пријавени од 28 ЦЈЗ/ПЕ: Скопје – 473, Прилеп – 146, Струмица – 139, Охрид – 99, Битола – 77, Штип – 70, Тетово – 63, Гевгелија – 61, Куманово – 59, Дебар – 43, Велес 36, а во Радовиш, Кичево, Кавадарци, Струга, Гостивар, Ресен, Неготино, Свети Николе, Кратово, Крушево, Виница, Демир Хисар, Пробиштип, Кочани, Македонски Брод, Пехчево, Валандово, бројот на заболени е помал од 30.
Во Берово, Делчево и Крива Паланка нема пријавени заболени лица од грип и заболувања слични на грип.
Во сезоната 2025/2026, вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 11.415. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 30,7%, а во однос на моделот од последните 15 сезони се регистрира намалување од 7,0%.
Во текот на петтата недела од 2026 година продолжува трендот на намалување на бројот на заболени и инциденцата на заболувања слични на грип на неделно ниво. Пријавената неделна инциденца е во рамките на ниска активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има регионална географска активност на вирусот на грип. Процентот на позитивност е над границата од 10% осум недели со ред. Согласно овие податоци, во Македонија има среден интензитет на вирусот на грип.

Македонски



