
Солидарност и спортски дух под дождливото небо на Крива Паланка денеска ја одбележаа една од највпечатливите спортско-хуманитарни манифестации, трката „Сите за Кочани – трчаме заедно“.
И покрај обилниот дожд, многу хумани граѓани трчаа или пешачеа низ петкилометарската планинска патека за да ја покажат својата солидарност со граѓаните на Кочани. Оваа трка беше дел од националната иницијатива која истовремено се одржа во седум градови ширум државава под мотото „Сите за Кочани”, организирана од Делегацијата на Европската Унија и мрежата Europe House.
Настанот во Крива Паланка беше поддржан од Амбасадата на Шпанија, Литванија, Бугарија, Германија и Европската делегација.
Почетокот на трката беше од долната капија на манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски”, а заврши кај паркингот и горната манастирска капија.
– Иако временските услови беа предизвик, не го намалија духот на учесниците, кои уште еднаш докажаа дека хуманоста нема пречка, велат од Европската куќа во Крива Паланка.
Во женска категорија првото место го освои Јована Димитрова, второто Маре Пановска, а третото место, Николина Апостолова. Во машка категорија прв беше Валентино Јовановски, втор Стојче Петровски и трет Давид Младеновски. Медалите беа доделени од претставници на поддржувачките амбасади, кои беа присутни и дадоа дополнителна поддршка и симболика на настанот.
Сите средства собрани преку котизациите и доброволните донации ќе бидат донирани преку Црвениот крст за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани.