Skip to main content

Пет тима, пет награди на Медитеранскиот натпревар во СТЕМ и роботика во Атина

СТЕМ Академија

Петте тима на СТЕМ Академија од Скопје освоија пет награди на Медитеранскиот натпревар во СТЕМ и роботика што се одржа во Атина. Тие имаа тематски предизвик „Дали може да се преживее на Марс?“ Секој тим освои по една награда: најдобро решение на понуден проблем, најдобра соработка како тим, најдобра прва автоматизација и најдобра идеја и креативност, а тимот на Future Stars го освоија и првото место во напредната категорија.

Годинава на натпреварувањето отидовме со 26 ученици, во пет тима, два во малата (до 9 години) и три во големата категорија ( 9-12 години). Не се двоумевме за нивниот број знаејќи го потенцијалот на овие деца и начинот на кој посветено работат. Тие имаа задача да презентираат иновативно решение за предизвиците кои би ги имале за одржување на живот на Марс, односно изградба на метеоролошка станица, создавање енергија, но и одгледување на храна на Марс, користејќи елементи на автоматизација и роботика, мотори и сензори.“ – вели Жарко Поп-Илиев, извршен директор на СТЕМ Академија, Скопје.

На овие награди им претходеа сеопфатни интензивни подготовки организирани од СТЕМ Академија кои траеја три месеци во континуитет, за да може да се одговори на барањата на судиите кои ги оценуваат учениците за време на неколкучасовниот натпревар.

Тимовите имаа тематски предизвик „Дали може да се преживее на Марс? / Фото: СТЕМ Академија

Учениците од Скопје заминаа со решенија за кои судиите бараа објаснување, но им задаваа и нови задачи кои требаше ги изградат за време на натпреварот и да ги образложат механизмите по кои работат и нивната употребна вредност. Кај малите тимови тоа значеше употреба на една автоматизација, еден мотор и еден сензор, додека останатите движечки делови од моделот да се рачни механизми, а кај големите тимови, беа потребни од две до четири автоматизации, користење на видео камера како сензор, работа прикажана преку програмски код, да има компјутерска анимација, како и користење на MicroBit технологија“ – дополнува Поп-Илиев, кој е дел од бордот на директори на СТЕМ Асоцијацијата која го организира Медитерански натпревар во СТЕМ и роботика.

Покрај Македонија на годинешниот Медитерански натпревар во СТЕМ и роботика учествуваа тимови од Црна Гора, Бугарија, Србија, Романија, Либан, Кипар, Египет, како и домаќинот Грција.

СТЕМ Академија е најстара образовна СТЕМ организација во Македонија, која поседува меѓународна СТЕМ акредитација. Посветена е на развој на ученици од пет до 16 години, преку иновативни програми со фокус на наука, технологија, инженерство и математика и искуствени знаења. Наградите од Медитеранскиот натпревар во СТЕМ и роботика се продолжување на успехот во низата награди од другите меѓународни настани а меѓу нив најзначајни се, второ место на FIRST LEGO LEAGUE во Либан 2019, прво и второ место на Роботската олимпијада во Крит 2024.

Поврзани вести