
Факултетското студентско собрание при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, со поддршка на ФВМС, на 7 јуни (сабота), на плоштадот во Гази Баба, ќе одржи хуманитарна Изложба на домашни миленици. Настанот има за цел да се обезбедат средства за семејствата на настрадани во трагичниот настан од огромни размери што неодамна го погоди Кочани и ја потресе целата земја.
Оваа изложба, во која милениците ќе бидат прикажани со внимание и љубов, а нивните сопственици ќе добијат благодарници и симболични награди, е потсетник на една поширока вистина – дека грижата за животните и хуманоста кон луѓето се длабоко поврзани.
Како млади луѓе, чувствуваме одговорност да дејствуваме таму каде што болката е тешка, а потребата е голема. Овој настан е израз на длабока човечка поврзаност“, порачаа од Факултетското студентско собрание при ФВМС.
Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, како институција која континуирано се грижи за благосостојбата на животните, за јавното здравје и за односот меѓу човекот и животната средина, го поддржува овој настан како чин на солидарност со општествената болка.
Во свет во кој сѐ почесто недостига разбирање и поддршка, токму ваквите иницијативи го потсетуваат општеството на суштинските вредности. Преку љубовта кон животните, ги негуваме и најдлабоките човечки доблести – сочувството и одговорноста кон другиот“, наведоа од ФВМС.
На самата локација ќе биде поставена кутија за донации. Сите собрани средства ќе им бидат донирани на семејствата кои претрпеа ненадоместлива загуба.
Ги покануваме сите љубители на животни и граѓани со исклучително чувство за заедништво и сочувство да ни се придружат. Вашето присуство и поддршка значат многу – таму каде што е најпотребно“, порачаа од ФСС при ФВМС.