
Нов силен топлотен бран од среда ќе го зафати поголемиот дел од Балканот, а според прогнозите на повеќе метеоролошки служби и регионални синоптичари, жешкото време би можело да се задржи најмалку до 10 август.
Станува збор за период во кој температурите постепено ќе растат од ден на ден, а во одделни подрачја ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени во сенка.
Највисоки температури се очекуваат кон крајот на оваа недела и во првите денови од август, кога под влијание на силен антициклон над Медитеранот и југоисточна Европа ќе се задржи многу топла воздушна маса. Освен екстремно топлите денови, метеоролозите предупредуваат и на таканаречени „тропски ноќи“, кога минималните температури нема да се спуштаат под 20 степени, а во урбаните средини може да достигнат и околу 25 степени.
Според актуелните прогностички модели, и по првата декада од август не се очекува значително освежување. Дневните температури во поголем дел од Балканот ќе се движат околу 35 степени, додека ноќните ќе останат меѓу 20 и 25 степени, што ќе придонесе за зголемен топлотен стрес, особено кај постарите лица, хронично болните и малите деца.

Македонски



