
Министерството за внатрешни работи известува дека почна наизменично пропуштање на возила на патниот правец Стенковец-ГП Блаце, во едниот, па во другиот правец. Од таму апелираат до граѓаните, доколку тоа не е неопходно, да не тргнуваат кон ГП Блаце се до целосно нормализирање на сообраќајот.
И од АМСМ информираат дека сè уште трае наизменичното движење на патнички моторни возила во двата правца кај граничниот премин „Блаце“, соопшти АМСМ.
За тешките товарни моторни возила важи целосна забрана за сообраќај.
МВР веќе информира дека поради пожарот над селото Чучер, целосно е прекинат сообраќајот кон граничниот премин „Блаце“, а преминот е воедно и затворен.
Според последните информации на ЦУК, пожарот е лоциран меѓу селата Блаце и Чучер во општина Чучер Сандево, се уште е активен, а горат мешана шума и ниска вегетација. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов преку видео изјава од Чучер порача дека нема реална опасност од ширење на пожарот, како и дека нема потреба од паника.