Православниот празник Богојавлние-Водици беше одбележан насекаде низ Албанија каде што живеат православните Македонци, во Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник и во поголемите градови низ Албанија.
Македонците во Мала Преспа традиционално се собраа во селските цркви и после литургиите што ги одржаа свештениците Алексо Темелко и Ропи Арѓири, според обичаите, со крстот украсен со босилок се упатија кон брегот на Преспанско Езеро каде се фрла крст во сите девет села.
Во Пустец, седиште на општината, по богослужбата што во црквата „Свети Атанасиј“ која се наоѓа на брегот на езерото, што ја одржа отец Темелко, осветениот крст беше положен во езерските води а најсреќен беше Сандре Костофски, кој посака здравје, среќа и благосостојба за сите.
Со своите сограѓани во Пустец, како на богослужбата, така и при свечениот чин на положување на крстот, беше градоначалникот Пали Колефски.
– Посакувам многу здравје, среќа, бериќет и општа благосостојба. Им честитам на сите млади што ја продолжуваат традицијата, посебно секако на Сандре, кого од општината соодветно ќе го наградиме, рече за МИА, Колефски.
По повод празникот честити до сите верници упати единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, како и македонското друштво „Илинден“ и огранокот за Голо Брдо.