
Сочни одвнатре, благо крцкави по рабовите и со мирис на цимет и други есенски зачини – овие колачиња се готови за околу половина час.
Потребни состојки:
120 г пире од тиква
120 г бело брашно
80 г кафеав шеќер
50 г омекнат путер
1 јајце
1 лажичка екстракт од ванила
½ лажичка прашок за печиво
1 прстофат сода бикарбона
½ лажичка цимет
1 прстофат мелен ѓумбир
1 прстофат мелено морско оревче
1 прстофат мелено каранфилче
1 прстофат сол
70 г крупно сечкани ореви
Подготовка:
Ако користите домашно пире, тиквата прво испечете ја или сварете ја додека целосно не омекне. Потоа испасирајте ја или изблендирајте ја. Доколку има премногу течност, оставете го пирето кратко во цедалка за да се исцеди.
Загрејте ја рерната на 180 степени, а тавата обложете ја со хартија за печење. Во длабок сад изматете ги омекнатиот путер и кафеавиот шеќер додека не добиете кремаста смеса. Додајте го јајцето и ванилата, па кратко измешајте.
Следно вмешајте го пирето од тиква. Во друг сад соединете ги брашното, прашокот за печиво, содата, циметот, ѓумбирот, морското оревче, каранфилчето и солта. Сувата мешавина постепено додавајте ја во смесата со тиква и мешајте со шпатула.
На крај ставете ги сечканите ореви и нежно измешајте. Со лажица земајте од смесата и редете мали купчиња на тавата, со доволно простор меѓу нив. Не ги притискајте премногу.
Печете ги 12 до 14 минути. Рабовите треба да бидат готови, а средината да остане мека. Откако ќе ги извадите, оставете ги неколку минути во тавата, бидејќи додека се топли се многу меки. Потоа префрлете ги на решетка да се изладат.
По ладењето ќе се стегнат, но ќе останат меки и сочни одвнатре – токму онакви какви што треба да бидат есенските колачиња со тиква.

Македонски


