
На 58 годишна возраст, вчера почина Тихомир Јанчовски, поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги.
Последниот поздрав од Јанчовски е денеска од 13:00 до 14:00 во капелата на градските гробишта Бутел во Скопје.
Со длабоко жалење и со огромна тага известуваме за прераното заминување на нашиот драг Тихомир Јанчовски: поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010), стои во соопштението од ДПМ.
Избори од неговата поезија, како што се наведува се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици.
Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје. Нека му е вечен споменот!, наведуваат од ДПМ.

Македонски



