
Македонија денеска и утре е во жолта фаза поради високите температури, а летното време ќе продолжи и во првите денови од септември. Денеска максималната температура ќе достигне до 37 степени, а високи температури се очекуваат и во среда.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Наместа во попладневните часови ќе има услови за пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималните температури ќе се движат од 14 до 21, а максималните од 31 до 37 степени. Во Скопје температурата ќе достигне до 37 степени.

Во среда и четврток локалната нестабилност ќе биде поизразена и на места може да има невреме со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на град. Температурите благо ќе се намалат, но времето и натаму ќе остане топло.
Во петок се очекува постабилно и нешто посвежо време, но засега нема најава за трајно заладување. За време на викендот повторно ќе преовладува сончево и топло време, а според актуелните прогностички модели температурите повторно може да се искачат над 30 степени.
Затоа, краткотрајно освежување е можно во втората половина од работната недела, но позначително есенско заладување засега не се гледа во краткорочната прогноза. Долгорочните прогнози укажуваат дека септември ќе остане потопол од просекот, па посвеж период би можел да се очекува подоцна во текот на месецот, но ваквите прогнози се подложни на промени.

Македонски

