Skip to main content

Отворен дневниот центар за деца и семејства во социјален ризик „Гнездо“

Тимот на Новинари за човекови права

Граѓанската организација Новинари за човекови права на 15 мај 2025 година го отвори дневниот центар „Гнездо“ за деца и семејства во социјален ризик. Дневниот центар „Гнездо“ е основан со поддршка од Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, а во соработка со невладината ЕКПАТ Австрија. Ова е прв центар од ваков тип во Македонија, кој ќе функционира како безбеден и поддржувачки простор за најранливите категории граѓани, нудејќи психо-социјална помош, неформална едукација со посебен акцент на деца и млади, правно советување и дневна грижа.

На отворањето зборуваше Државниот секретар при Министерството за социјална политика, демографија и млади, г-н Фатмир Сабриу, аташето на Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, г-н Харалд Бреза Фугер, в.д. директорот на Меѓуопштински центар за социјални работи на Град Скопје Хамза Амети, координаторката на проектот Андреа Накова од Новинари за човекови права, Наташа Доковска – програмска директорка на Новинари за човекови права и Анита Пинтер од ЕКПАТ Австрија.

Овој Центар не претставува само инфраструктурен објект. Тој претставува симбол на солидарност, човечност и вистинска грижа за секое дете и секое семејство во нашата заедница. Тука ќе се обезбедува психосоцијална, образовна, правна и практична помош и поддршка. Тој ќе претставува место каде што секој ќе може да се почувствува слушнат, разбран и поддржан. Тоа се и нашите заложби како министерство, да изградиме мрежа на сигурност и можности, каде што децата ќе имаат пристап до образование, грижа и љубов, а родителите – поддршка, разбирање и алатки за подобра иднина. Суштината на нашата визија за праведно и инклузивно општество се луѓето – особено оние кои најмногу имаат потреба од поддршка – истакна во обраќањето по поврод отворањето Државниот секретар при Министерството за социјална политика, демографија и млади,г-н Фатмир Сабриу.

Како што посочи тој, семејствата што живеат во сиромаштија, самохраните родители кои секојдневно се борат за достоинствен живот за своите деца, младите кои се на чекор од напуштање на образованието поради сиромаштија, бегалските деца кои бараат безбедност и надеж, децата од ромската заедница кои заслужуваат еднакви шанси, и оние чии родители се борат со ментално здравје, зависности или семејно насилство – сите тие се во срцето на нашата мисија за подобро утре.

Отворен е дневниот центар за деца од улица, ова е вистинска ситуација во која сите добиваат: Центарот за социјална работа обезбедува простории за овој проект. Овие простории се целосно реконструирани во рамките на овој проект, финансиран од австриското Министерство за социјални работи. Децата од улица со нивните семејства сега во оваа област имаат соодветно место каде што ја добиваат потребната поддршка и совети – рече Аташето на Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, Харалд Бреза Фугер.

Како што посочи тој, сеопфатната поддршка, како што се образованието и обуката, поддршката за подобар пристап до социјални бенефиции и социјални и здравствени услуги, како и оспособувањето и домувањето, придонесува за прекинување на кругот на сиромаштија со која децата на улица и нивните семејства драматично се соочуваат секој ден.

Во време кога многу семејства се соочуваат со несигурност, а децата секојдневно се изложени на ризици, создавањето на вакви простори е повеќе од потребно – тие се неопходни. „Гнездо“ не е само простор, туку заедница. Тоа е место каде секое дете ќе може да се чувствува безбедно, прифатено и сакано. Место каде што поддршката не е само услуга, туку вредност. Во мојата секојдневна работа, често се среќавам со приказни на деца и семејства кои минуваат низ тешки, болни, понекогаш и невидливи борби. И секој пат кога ќе видите детска насмевка вратена, знаете зошто оваа работа има смисла. „Гнездо“ токму тоа ќе биде – место каде децата ќе бидат видени, слушнати, и најважно – прифатени – рече в.д. директорот на Меѓуопштински центар за социјални работи на Град Скопје Хамза Амети.

Како што порача тој, Центарот за социјални работи на Град Скопје, целосно ја поддржува оваа иницијатива и ќе продолжи да работи рамо до рамо со сите партнери, институции и организации за да обезбеди одржлива и ефективна поддршка за најранливите категории граѓани.

Овој простор е повеќе од центар – тој е иницијатива изградена со визија, посветеност и љубов. Наша цел е да создадеме безбедно место, поддршка и систем на помош за целата заедница, особено за децата и семејствата во ризик. Во рамки на „Гнездо“ ќе функционира дневна градинка за 16 деца од предучилишна возраст, две менторски групи за вкупно 28 ученици од основно училиште, како и психосоцијална поддршка за млади и семејства преку тим од стручни лица – социјален работник, психолог и специјален едукатор – истакна координаторката на проектот Андреа Накова од Новинари за човекови права.

Таа се заблагодари на Центарот за социјални работи на Град Скопје што ги отстапи просториите за центарот „Гнездо“, до тимот на Новинари за човекови права, сите волонтери, надворешни соработници и експерти – без кои ова „гнездо“ немаше да ја добие посакуваната топлина.

Би сакала да споменам две големи жени од овој град. Мајка Тереза, која еднаш рекла: „Не сите од нас можат да прават големи работи. Но, можеме да правиме мали работи со голема љубов“. За неа, никакво потекло, никаков јазик, никаков религија не е важно – само личноста е важна. И Есма Реџепова, кралицата на ромската музика, исто така го користеше својот глас не само за музика – туку и за порака: „гордост, достоинство и почит кон оние кои често се занемаруваат.“ Сакаме да создадеме простори тука каде што различноста се доживува како сила. Сакаме да создадеме простори што остануваат, што се одржуваат. Простори што ќе бидат финансиски поддржани и ќе служат како добра практика за други дневни центри – рече Анита Пинтер од партнер организацијата ЕКПАТ Австрија.

Како што посочи таа, целта е да создадеме простори за да поставиме пример заедно – за правда, за можности и за подобро утре.

Вложивме љубов, време, средства и енергија. И резултатите се тука – „ГНЕЗДО“ ќе биде секојдневно отворено за децата и нивните родители, ќе нуди едукација, психосоцијална поддршка, но и простор за дружба, учење и сигурност. Длабока благодарност до сите донатори, компании и индивидуалци кои веќе помогнаа, но и до оние кои веќе покажаа интерес да соработуваат со нас – посочи Наташа Доковска, програмска директорка на Новинари за човекови права.

Присутни беа поддржувачи и партнери, бројни одговорни компании кои веќе покаа општествена одговорност, како и медиуми, институции, организации и заинтересирани граѓани споделувајќи ја пораката за заштита на децата и семејствата кои имаат најголема потреба од нашата поддршка и партнерство во градењето на поинклузивна и поддржувачка заедница за сите. Се одржа и добротворна аукција, за да се обезбедат дополнителни средства за функционирањето на центарот, а настанот беше збогатен и со музичка програма со детска придружба која ги разигра присутните.