
– Во новата 2025/2026 учебна година, што во Албанија почна денеска, за првпат во ученичка клупа, во општина Пустец, седнаа девет првачиња.
– Споредено со минатата учебна година имаме едно прваче повеќе. Од девет колку што се оваа учебна година, пет се во деветолетката во Пустец, останатите во другите населени места. Во предучилишното образование, вклучително и гимназијата, оваа учебна година имаме вкупно 115 ученици, изјави за МИА, градоначалникот Пали Колефски.
Тој додаде дека на првиот училиштен ден, традиционално бил со учениците во деветолетката во Пустец и на учениците им посакал среќен почеток и многу успех во совладувањето на наставните единици.
– На учениците и на нивните наставници им посакав добро здравје, среќа, успешен почеток и тек на наставно-образовниот процес во оваа учебна година. Посебни честитки до оние кои првпат седнуваат во ученичка клупа. Годината да биде исполнета со другарство, радост и успех. Нашите деца се иднината на општина Пустец и секој нивен чекор на патот на знаењето е чекор напред за целата наша заедница, рече Колефски.
Тој посочи дека како локална власт ќе продолжат да бидат секогаш до учениците и училиштата и да работат за подобри услови во образованието.
Општината некогаш имала над седум илјади жители, но, поради миграцијата, бројот на постојаните жители од година во година е сè помал. Во периодот меѓу двата пописа, 2011-2023 година, бројот на населението во Пустец се намалил за 43 отсто, односно од околу пет илјади на 1887 жители и е меѓу четирите општини во Албанија со најголем пад на бројот на жители