Skip to main content

Проект за подобрување на пристапот до чиста вода и отпорноста на климатските промени

Фото: Македонски Каритас

Македонски Каритас официјално го започна проектот „Вклучување на жените во подобрување на услугите за достапност до чиста вода и санитација и зајакнување на отпорноста на климатските промени во Македонија“, кој се реализира со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Република Словенија и Словенечки Каритас, се вели во соопштението од Македонски Каритас што го пренесуваме интегрално.

По повод започнувањето на проектот, во Струмица се одржа прес-конференција на која беа претставени главните цели и активности на иницијативата, како и планираните активности што ќе се реализираат во соработка со локалните самоуправи. На прес-конференцијата присуствуваа градоначалникот на Општина Богданци, г. Блаже Шапов, градоначалникот на Општина Босилово, г. Ристо Манчев, градоначалникот на Општина Дојран, г. Илија Тентов, и градоначалникот на Општина Ново Село, г. Ѓорѓе Божинов, како и претставници на општините Гевгелија, Валандово и Струмица.

На настанот се обратија директорот на Македонски Каритас, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Неговата Екселенција Грегор Прескер, како и координаторот на проектот, г. Томислав Микулец.

Заблагодарувајќи се на поддршката од Словенското министерство за надворешни работи и Словенски Каритас, како и на присутниот амбасадор Прескер, Македонски Каритас нема да настапи само како имплементатор, туку и како доверлив и посредувачки партнер на сите општини – нагласи директорот на Македонски Каритас отец д-р Зоран И. Стојанов.

Словенскиот амбасадор во Македонија, Н.Е. Прескер истакна дека токму ваквите проекти овозможуваат долгорочни и одржливи резултати и додаде дека денешното потпишување на меморандумите за соработка преставува важен чекор за заедничко делување, затоа што токму локалните заедници најдобро ги познаваат потребите на своите граѓани и затоа нивната улога е незаменлива.

Во рамките на проектот ќе се реализираат активности насочени кон зајакнување на техничките и институционалните капацитети на општинскиот персонал за управување со вода и санитација преку обуки, конференција за размена на знаења и добри практики од Словенија, развој на планови за намалување на ризикот од катастрофи, меѓуопштински повик за заеднички проекти, како и набавка на алатки и машини за одржување на водоводни канали и студиска посета на Словенија. Проектот предвидува и надградба на канализациските системи и рехабилитација на водотеци со користење на природни и климатски отпорни решенија, вклучително и проектирање и изградба на одржлив канализациски систем во Радово – рече координаторот на проектот Томислав Микулец.

Проектот Македонски Каритас ќе го реализира во соработка со општините Богданци, Босилово, Валандово, Гевгелија, Дојран, Ново Село и Струмица.

Во рамките на настанот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Македонски Каритас и општините Богданци, Босилово, Дојран и Ново Село, а со останатите општини се очекува да биде потпишан во наредните денови.

Македонски Каритас преку овој проект ќе придонесе за зајакнување на соработката меѓу локалните институции и заедниците, како и за поттикнување одржлив развој и подобар квалитет на живот во регионот.

Македонски Каритас

Фото: Македонски Каритас

Поврзани вести