Прилепчани по 18-ти пат, во центарот на градот ја прославија градската слава, патронот на градот „Свети Никола“. На плоштадот „Александрија“ на граѓаните им беа поделени преку 800 пакети со посна храна, посни сарми, грав и риба, а домаќин на годинашнава прослава беше локалната самоуправа.
Прославата почна изутрината со света литургија во црквата „Свето Благовештение“, по што продолжи со литија до параклисот во центарот на градот каде владиката Петар го освети и го кршеше славскиот колач.
Прилепчани се едногласни во зачувувањето на традициите. Според владиката Петар, Свети Никола бил заштитник на децата, на болните, на сиромашните, воопшто, на обичниот човек. Има предлог, денот од Општината да биде прогласен за неработен.
-Ги поздравувам прилепчани и нека е честит празникот. Свети Никола со својот живот и со своите дела посведочил дека бил вистински архиереј и вистински владика. Бидејќи речиси сите прилепчани го слават Свети Никола, предлагасм Општината да го прогласи за празник, неработен ден за сите да може да им се посветат на празнувањата, рече владиката Петар.
Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески нагласи дека празникот е ден на зацврстување на заедништвото.
-Овој ден е симбол на љубов заедништво и на добрина. Празник кој нѐ обединува сите. И ако домаќини во нашите домови и како драги гости, а и секаде каде го споделуваме духовниот празник, рече на прославата пред параклисот во центарот на Прилеп, градоначалникот Борче Јовчески.
Во 2008 година, Прилеп влезе во гинисовата книга на рекорди со необичниот специјалитет- чинија со преку 181 000 мали посни сарми.
-Многу ни значи да се одржуваат традициите. Тоа е наше наследство. На ваквите празници многу убаво се чувствувам. Сакаме да ги одржуваме традициите, ги учиме младите иако сакаат повеќе „модерни нешта“. Ама, нашата упорност ќе вроди плод, сметам. Еве, имам ќерка во Австралија, таа за сите празници ги одржува адетите. И така треба да биде. А ова приготвување мали посни сарми, како уникатен рецепт, мора да се одржува како традиција, вели Ленче Спиркоска од здружението на жени „Преродба“ од Прилеп кое и за овој празник ги демонстрираше обичаите.