
Околу 1,5 степени е повисока просечната температурата во Грција во изминатите 30 години, а зголемување на температурите во последните три децении има и во балканските земји што се далеку од морето и овој тренд ќе продолжи, веќе го констатираме тоа, вели за МИА Константинос Лагувардос, директорот на одделот за истражување во Националната опсерваторија во Атина, кој воедно го предводи и научниот тим во порталот Метео што е дел од опсерваторијата.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, Лагувардос ја анализира ситуацијата со пожарите оваа година, не само во Грција, туку и во Европа, особено на Пиринејскиот полуостров, а говори и за високите температури, топлотните бранови кои во изминатите години се сè подолготрајни, што според него, заедно со пожарите се исто така голем проблем со кој ќе се соочиме и во иднина, посочувајќи дека големите урбани центри неопходно е да станат поодржливи со повеќе зелени површини.

Историски најлошо лето за шумските пожари во Европа
Европа оваа година се соочи со низа пожари во различни делови, а според Лагувардос е историски најлошото лето на стариот континент.
– Оваа година има 950.000 хектари изгорена површина до срединатa на август, со што ова е најлошиот биланс во последните 20 години, колку што постојат податоци за пожарите, посочува директорот на одделот за истражување во Националната опсерваторија во Атина.
Додава дека фактот што за Европа беше најлошата година се гледа на Иберискиот полуостров, во Португалија и Шпанија со многу големи пожари.
– Шпанија има 350.000 хектари изгорена површина, најлошиот биланс во изминатите 20 години. И она што треба да се нагласи е колку брзо може да има промена на состојбата и затоа треба постојано да бидеме во готовност и да ја следиме појавата. Во Шпанија на почетокот на август имаше 50.000 изгорени хектари што беше во рамките на просекот и во следните десет дена стигна до 350.000. За помалку од 15 дена имаше 350.000 хектари изгорена површина. При лоши услови и ако пожарите излезат од контрола може да има голема разлика во ситуацијата. Ненадејно Шпанија во период од 15 дена се најде во историски најлоша ситуација во изминатите 20 години, посочува Лагувардос.

Во Грција пред само десет дена беа активни неколку пожари во исто време, во различни делови на земјата, а најголемите беа во северозападниот дел на Пелопонез, како и на островите Хиос и Закинтос.
– Досега имаме 45.000 хектари изгорена површина, што е петти најлош биланс во последните 20 години. Во Грција, имавме многу големи пожари и во 2021 и во 2023 година. Генерално во последните пет години имаме големи површини што горат. Секако ова има врска со високите температури, со топлотните бранови што во последните години речиси ги имаме секоја година, објаснува Лагувардос.
За големите и катастрофални пожари, експертите го употребуваат терминот „megafires“, односно катастрофални пожари, за кои Лагувардос објаснува дека терминот е дефиниција за пожарите што се на површина од над 10.000 хектари и горат со денови.
– По дефиницијата на поимот, оваа година во Грција немавме нешто такво. Но, имавме големи пожари, на пример на Хиос изгореа над 10.000 хектари, но во два пожари. Еден во јуни, еден во август што заедно зафатија над 10.000 хектари, едниот беше 6.500-7.000, а другиот околу 4.000 хектари, вели соговорникот на МИА.
Поволни услови за пожарите е и феноменот „Hot-Dry-Windy“, односно многу високи температури, суша и силен ветер, комбинација што беше присутна летово во Грција и за која предупредуваа и метеоролозите и надлежните дека претставува голема опасност за појава на пожари.
Лагувардос објаснува дека оваа појава секогаш постоела, но поради климатските промени е сè почеста.
– Климатските промени не ги предизвикуваат пожарите, но поради климатските промени условите се такви што имаме големи шумски пожари што се вон контрола, објаснува тој.
Континуираните топлотни бранови се опасни за населението и ја зголемуваат стапката на смртност
Во 2021, 2023, 2024 и 2025 година Грција се соочи со големи топлотни бранови, за кои Лагувардос вели дека ниту нашата земја не е исклучок, како и поширокиот регион на Балканот.
Објаснува дека последните четири пет лета беа тешки со големи долготрајни топлотни бранови, нешто што не се има случено во минатото.
– Секогаш имавме топлотни бранови во нашиот регион, но периодите на толку големи топлотни бранови во толку мал временски период немаме видено во минатото. Проблемот е во тоа што траат долго. Не станува збор за два дена, туку многу денови во континуитет, над десет дена. Тоа е нешто што е тешко. Тешко е за луѓето, тешко е за земјоделското производство, тешко е за шумските пожари. Влијае на сè. Особено кога температурата останува висока и за време на ноќите, ситуацијата е многу тешка, вели Лагувардос.

Во однос на тоа што треба да направиме во иднина, за следното лето, посочува дека е неопходно преземање мерки за прилагодување.
– Освен шумските пожари, според мене, голем проблем се и топлотните бранови, високите температури особени во големите градови. Па така, треба да најдеме начин како нашите градови да ги направиме поодржливи. Не знам во Скопје каква е ситуацијата со зеленилото. На големите градови им треба зеленило. Треба да се избегнат токму грешките што беа направени овде, да се зголемуваат градовите, но без зеленило. Големи градови без зелени површини ги имаат токму овие проблеми, многу високи температури во текот на целото деноноќие, нешто што го нарекуваме „thermal stress“ што предизвикува термална исцрпеност, во текот на целото деноноќие што многу го исцрпува наслението, го зголемува бројот на смртни случаи, имаме поголема стапка на смртност кога имаме многу високи температури. Според мене ова е голем проблем, истакнува Лагувардос во разговор со дописничката на МИА од Атина.
Во последните 30 години просечната температура зголемена за 1,5 степени
Националната опсерваторија во Атина, освен официјалниот сајт, го има и порталот Метео за анализи на метеоролошките податоци, за информирање граѓаните за последиците од пожарите, за топлотните бранови, врнежите од дожд и снег во земјата и општо за климатските промени.
Една ваква анализа покажа дека топлотниот бран во Грција во средината на јули беше еден од најдолгите регистрирани во земјата што траеше 13 дена, а Лагувардос за МИА вели дека беше втор најтопол јули досега и посочува дека ланското лето ќе се памети како екстремно топло, започнувајќи уште од јуни.
-Имаме анализа за тоа колку е зголемена температурата во Грција во изминатите 30 години и е околу 1,5 степени повисока, во различни делови и во зависност од оддалеченоста од морето. Балканските земји, а сигурно тоа е случај и со Македонија, коишто се далеку од морето имаат големо зголемување на температурите во последните 30 години и овој тренд ќе продолжи и во следните децении, веќе го констатираме тоа, вели Лагувардос за МИА.