
На потпетицата од италијанската чизма, на југот на Италија, се наоѓа регионот Пуља (Puglia), еден од најфасцинантните региони во земјата, неоправдано потценет, а реално вистинска ризница на историја, на специфична архитектура, во која се вткаени жолтиот и белиот камен, но и на неверојатнатa природна убавина и богатата гастрономија.
Пуља не е како другиот дел од Италија, познат по својот индустриски и модерен развој, беспрекорност, нема совршено уредени места, но затоа таа сѐ уште го чува автентичниот дух на Медитеранот, кој овде опстојал со векови.

Тука имате чувство дека времето тече побавно, па дури и дека со времеплов може да се вратите назад, а оти традицијата е сѐ уште жив дел од секојдневието. Може да видите како соседите седат на дрвени маси во тесните живописни стари градски улички, да ги чуете како зборуваат гласно, да ја чуете нивната смеа, но и некоја отпеана италијанска песна, нешто што во современиот живот на брзото живеење полека, но сигурно изумира. Иако и овој регион не останува имун на делумната комерцијализација, некако како да верувате дека тоа се прави поради потребата да се преживее, а оти во суштина душата на луѓето, барем на голем дел од нив, останала недопрена.
Во Пуља сѐ уште се чувствува духот на старината, на вкрстувањето на цивилизациите, разните архитектонски стилови, но пред сѐ се чувствуваат нескротливиот дух и јужњачкиот темперамент. Историјата на Пуља е приказна напишана на страници во книга, на кои се преклопуваат белезите на разните цивилизации. Низ вековите со овој регион владееле Грците, Римјаните, Норманите, Свевите и Шпанците, а секоја култура оставила свој неизбришлив белег.

Пуља излегува на Јадранското и Јонското Море. Нејзиниот пејзаж е разновиден – од карпестите брегови на полуостровот Гаргано на север, карпи и мали заливчиња со песочни плажи кај Полињано а Маре или Монополи, до бескрајните песочни плажи на Саленто на југ, често нарекувани италијански Малдиви.

Внатрешноста на регионот е прекриена со рамнини и благи ридови, без многу зеленило. Доминираат вековни маслинови градини. Овие стари, некои и премногу стари, јазлести стебла на маслинки се симбол на регионот и претставуваат живи споменици на природата и неми сведоци на сето тоа што тој го преживеал и на луѓето што тука живееле.

Возејќи се по патиштата во внатрешноста наидувате на маслинови градини во кои се влегува преку пат обрабен со дрворед, кој завршува со историските фортифицирани фарми наречени masserie, каде што денес се нудат агротуризам и дегустации. Маслиновите градини ги има насекаде и затоа регионот се смета за еден од поголемите производители на маслиново масло во светот.
Според одредени податоци, овде се произведуваат речиси 40 проценти од маслиновото масло во Италија. Областа меѓу градовите Остуни, Фазано, Каровињо и Монополи е позната како една од тие со најголема концентрација на древни маслинови стебла.

И, така, полека поминувајќи километар по километар по кривулестиот пат, одеднаш пред вас срамежливо ќе се подаде некој од повеќето прекрасни мали стари градови, а самоуверено ќе ви го одземе здивот. Мали, а големи по она што го предизвикуаат кај вас, но и она што може да го понудат. Се чувствуваат со сите сетила, но и со срце и душа.

Можеби најпрепознатливиот архитектонски симбол на Пуља се трулите (trulli) во градот Алберобело, кои се заштитени од УНЕСКО. Ова место е магично мало гратче, кое како да ѕирка од страниците на некоја книга со бајки. Алберобело има уникатна архитектура и мистична атмосфера. Трулите се она што го прави Алберобело вистинско светско чудо. Овие необични градби се карактеризираат со снежно бели варосани кружни ѕидови и сиви конусни покриви направени целосно од варовнички камени плочи. Она што е највпечатливо за приказната поврзана со нив е дека се граделе со сув камен, односно без употреба на каков било малтер или гипс. Секој камен бил совршено поставен еден врз друг потпирајќи се на чистата симетрија и рамнотежа. Оваа автентична медитеранска архитектура датира уште од 14 век, а како признание за својата уникатност и културна вредност градот е ставен под заштита на УНЕСКО како светско културно наследство во 1996 година.
Зад овие необични куќички се крие уште една приказна, а тоа е дека во минатото селаните биле принудувани да ги градат своите домови без малтер за да можат бргу и лесно да ги урнат во случај на ненајавена кралска инспекција. На тој начин тие избегнувале плаќање даноци за нови населби. Кога опасноста ќе поминела, жителите повторно ги подигнувале своите камени домови.

Шетањето низ тесните улички на Алберобело е како патување низ времето. Покривите на куќичките често се украсени со мистериозни бели симболи – некои пагански, некои христијански, како крстови или симболи против лоши очи, кои на местото му даваат дополнителна доза мистичност. На врвовите на конусите се издигнуваат карактеристични украсни шилци (пинаколи), кои биле своевиден потпис на мајсторот што ја изградил куќата. Денес, многу од овие трули се претворени во сувенирници, автентични кафулиња или романтични апартмани.

Алберобело не е само дестинација од калдарма и камен, туку и место каде што се чувствува топлиот дух на Медитеранот, нешто што ја краси цела Пуља. Изградбата на малите куќички ја покажува умешноста на човекот со неговата фантазија и вештина од обични работи да создаде чудо. Гледајќи го Алберобело, за миг би можеле да помислиме дека најубавите приказни не секогаш се запишани од човекот на хартија, туку дека некои од нив, токму со неговите раце се изградени од камен.
Покрај Алберобело, Пуља е дом и на Бари, град жив споменик на времето, град во кој минатото и сегашноста се преплетуваат во совршен медитерански ритам. Сместен на брегот, каде што синилото на морето го бакнува каменот, тој е мозаик од култури и религии. Срцето на градот чука во неговиот стар дел, познат како Бари Векија (Bari Vecchia), лавиринт од тесни калдрмисани улички, кои изгледаат како театарска сцена на отворено, недопрена од брзиот развој на модерниот свет. Од прозорците и во тесните улички се слуша гласен италијански разговор, над главите се сушат алишта прекриени со бело платно. Токму тука е сместена базиликата поради која Бари има огромно духовно значење, кое ги надминува границите на Италија.

Величествената базилика на свети Никола е духовното јадро на градот, место каде што со векови почиваат моштите на овој голем христијански светец. Оваа базилика е уникатен симбол на единството бидејќи претставува мост помеѓу католичкиот и православниот свет привлекувајќи илјадници верници и поклоници од цела Европа. Мирот што владее зад нејзините дебели камени ѕидови е во силен контраст со динамиката, разиграноста и џагорот на мноштвото јазици што се слуша на градските улициу
Велат дека кујната на Пуља се заснова на концептот cucina povera (сиромашна кујна), но тоа, според мештаните, не подразбира дека таа е проста и невкусна, туку оти врвни јадења се подготвуваат од едноставни, свежи и локални продукти.

Традиционалните тестенини се нарекуваат орекиете (orecchiette), кои поради својот облик потсетуваат на мали ушиња и најчесто се служат со зеленчук или сос од патлиџани. На една од улиците во Бари може да ги видите старите „нони“, кои ги прават рачно на дрвени масички во тесните улички и тоа вообичаено претпладне. Пуља исто така е позната по сирењето бурата, свежата риба и по врвните црвени вина.
Познат како Фиренца на југот поради својата раскошна барокна архитектура изработена од мек, локален варовник со златна нијанса, Лече, втор по големина град во Пуља, е сместен на самата потпетица на италијанската чизма, во срцето на сончевиот регион Саленто, и е една од највпечатливите архитектонски ризници во Европа. Додека поголемите градови во Италија воодушевуваат со својата грандиозност, Лече го освојува посетителот со својата топла атмосфера, префинетост и мека, златна светлина, која се рефлектира од сончевите зраци на прекрасните градби.

Најголемото богатство на Лече е неговата уникатна архитектура, позната како салентински барок (Barocco Leccese). Во текот на 17 век, под влијание на Шпанската Империја и Католичката црква, градот доживеал вистинска естетска револуција. Се верува дека ова е архитектонска магија за која состојките се кријат во локалниот варовник, познат како пиетра лечезе (pietra leccese). Овој камен бил исклучително мек и лесен за обработка кога се вади од земјата, што им овозможило на локалните мајстори и скулптори да создадат неверојатно детални, речиси како тантела извезени украси на фасадите на зградите и црквите. Со текот на времето овој камен се стврднува и добива прекрасна, топла килибарна нијанса, која под зраците на медитеранското сонце му дава на градот неверојатен волшебен сјај.

Срцето на градот е вистински лавиринт од тесни улички, кои водат до плоштади и базилики што пленат со својата убавина. Највпечатлив пример за оваа барокна екстраваганција е Базиликата на Светиот крст (Basilica di Santa Croce). Нејзината фасада е преполна со фигури на гротескни чудовишта, ангели, животни и флорални мотиви, кои раскажуваат приказни од минатото. Веднаш до неа се наоѓа Плоштадот Дуомо (Piazza del Duomo), кој претставува еден од ретките затворени плоштади во Европа, со катедрала и импозантна камбанарија, кои во вечерните часови изгледаат како театарска сцена под отворено небо.
Сепак, историјата на Лече не почнува со барокот. Под слоевите на христијанската уметност лежат длабоки антички корени. Во самото срце на градот, на главниот плоштад, се наоѓа делумно ископаниот римски амфитеатар од 2 век од новата ера. Овој споменик, кој некогаш примал илјадници гледачи, служи како моќен потсетник за римското минато на градот и неговата стратешка важност на античките трговски патишта.

За љубителите на добриот вкус, тука може да се проба локалното „кафе лечезе“ (со мраз и сируп од бадем) и традиционалното печиво „пастичото“ (pasticiotto). Како заклучок, Лече не е само дестинација што треба да се посети, туку искуство што треба да се доживее. Како и во цела Пуља, и во Лече се преплетуваат историјата, цивилизациите, мирисите и вкусовите, како и медитеранскиот мир и јужноиталијанскиот темперамент.

Остуни, т.н. бел град, сместен на три камени рида на самиот праг на италијанскиот југ, се издига над бескрајното зеленило на маслиновите градини. Можеби наубавата глетка на градот може да ја видите шетајќи по старите одбранбени ѕидини на зајдисонце кога неговата белина е во волшебен контраст со боите на залезот на сонцето.
Традицијата на варосување на куќите, која датира уште од средниот век, имала двојна улога: практична и заштитна. Во тесните улични лавиринти белата боја служела како природен рефлектор, кој ја зголемувал светлината во мрачните премини, но исто така дејствувала и како дезинфициенс за време на страшните епидемии на чума што ја пустошеле Европа. Денес, тој историски штит е претворен во естетски феномен.
Историскиот центар на Остуни, како и во другите градови во овој регион, ве мами со прекрасните тесни калдрмисани улички, стрмни скалила, скриени дворови и дрвени врати во разни бои, украсени со цвеќиња. Можете да талкате во нив и да уживате во шармот на овој бел град, но и да ја видите неговата катедрала од 15 век сместена на највисоката точка во градот, а е редок пример на готска архитектура во овој регион. Позната е по својата раскошна и уникатна розета (кружен прозорец) на предната фасада.

Незибежно е да поминете под Arco Scoppa, прекрасниот камен лак, кој се наоѓа веднаш спроти катедралата и ги поврзува Епископската палата и Семинаријата, но и да прошетате по должината на старите одбранбени ѕидини, кои нудат панорамски поглед на долината Итрија (Valle d’Itria) и на синилото на Јадранското Море. Плоштадот Piazza della Libertà, кој е срцето на општествениот живот, е идеален за утринско кафе или вечерен аперитив.
Остуни е повеќе од збирка на варосани куќи и средновековни ѕидини. Тој е спој на едноставност, издржливост и безвременска убавина. Остуни нè учи дека убавината често се раѓа од потребата, а дека вистинската вредност на едно место лежи во неговата способност да го зачува својот карактер низ вековите. Тој останува да свети на ридот како вечен светилник на италијанскиот југ, дење со белината на своите градби, ноќе со светлата што му даваат топол сјај.

Пуља има уште многу бисери распослани по сувата медитеранска земја, која наместа ја милуваат водите на Јонското и Јадранското Море. Галиполи е еден од нив. Сместен во срцето на Саленто, тој претставува еден од бисерите на Јонското Море. Неговото име потекнува од старогрчките зборови Kallipolis, што во буквален превод значи прекрасен град. Тој со својата неодолива природна убавина, стратешка позиција и богата културна ризница со векови привлекува патници, уметници, но и освојувачи.

На брегот на Јадранското Море, пак, ќе го најдете Полињано а Маре. Овој магичен град буквално лежи на карпи што се издигаат над тиркизното море. Kуќите изгледаат како да изникнале директно од каменот на карпите.

Под нив се наоѓаат десетици природни пештери издлабени од силните морски бранови. Влезот во стариот дел на градот е преку античката порта Маркезале и поминувајќи низ неа, како да влегуваш во друг, магичен свет, во кој како да можеш да го чуеш шепотот на историјата. Волшепство е и залезот на сонцето, кој може да се види од еден од многуте видиковци до кои се доаѓа низ тесните улички.

Полињано а Маре е родното место на легендарниот италијански кантавтор Доменико Модуњо (Domenico Modugno), авторот на светски познатата песна Nel blu dipinto di blu (попозната како Volare). Неговата бронзена статуа со раширени раце е поставена така што свртена кон градот и морето. Таа совршено го симболизира чувството на слобода, кое се раѓа кога стоите на карпите на Полињано – чувство на летање во бесконечното синило.
Ова се само некои од пуљските бисери, чии бои се прелеваат на силното медитеранско сонце од бела, златнобела до златножолта. Има уште многу. Цистернино и Локоротондо се исто така дел од нив. Тие нудат можност за бегство од реалноста, за враќање во минатото, за уживање со сите сетила. Талкајќи од еден до друг град, како да вртите страница по страница од книга со приказни и бајки.

Цистернино е сместен во внатрешноста, на рид опкружен со вековни маслинови градини, лозја и карактеристичните кружни камени куќички – трули (trulli). Градот е официјално вброен во листата на најубавите села во Италија (Borghi più belli d’Italia) и зрачи со автентичен, мирен медитерански дух.
Она што го прави Цистернино посебен е неговиот историски центар, кој италијанските архитекти го опишуваат како ремек-дело на спонтана архитектура. Тоа, според мештаните, значи дека градот не бил граден по прецизен план, туку куќите се доградувале во текот на вековите според потребите на луѓето.

Нему блискиот Локоротондо, пак, е кружниот бисер на долината Итрија, познат како едно од најмирните, најчисти и архитектонски најуникатни селца во Пуља. Неговото име буквално значи тркалезно место (locus rotundus) бидејќи историскиот центар е изграден во совршена кружна форма на врвот на еден рид.

Додека околината е преполна со кружните трули-куќички, самиот центар на Локоротондо има поинаква, уникатна архитектура, куќите во стариот град, наречени кумерсе (cummerse), се тесни и високи, со специфични стрмни и шилести покриви изградени од рамни камени плочи. Снежнобелите фасади се совршена заднина за барокните балкони од ковано железо, секогаш накитени со интензивно црвени и розови гераниуми.

Пуља не е само еден регион или географска одредница на мапата на Италија, туку синоним за бавно, автентично живеење. Тоа е регион на контрасти, каде што драматичните карпи на Полињано а Маре се прелеваат во мирните бели сокаци на Локоротондо и Цистернино, па надолу во Лече во градбите со топла килибарна нијанса притоа создавајќи мозаик од слики што не избледуваат. И можеби Пуља ни докажува дека најголемиот луксуз на денешницата е едноставноста.
Славица Стефановска / МИА
Фото: МИА

Македонски


