На далечниот исток на Русија, на најголемиот руски остров – Сахалин, има светилник со неспоредлива убавина. Ова напуштено здание има долга историја.
Светилникот Анива е еден од најнепристапните светилници во Русија. Со години ги предупредуваше бродовите на опасниот брег на карпестиот рт Анива во Охотското Море. Дизајниран од јапонскиот инженер, Шинобу Миура, светилникот е подигнат во 1939 година. Денес тој е напуштен, но останува многу популарна туристичка атракција.
Светилникот бил неопходен, бидејќи водите во овој дел од светот биле смртоносна замка за пловните објекти: подводните струи, честата магла и карпестите гребени биле сериона закана да ги уништат бродовите што се приближуваа до ртот. Светлината што ја произведувал била видлива и до 19 наутички милји (35 километри).
Во 1990 година, Русија го отповика персоналот од светилникот, префрлувајќи го објектот на автоматски режим на работа. Светилникот бил опремен со радиоизотопски термоелектрични генератори кои го напојувале до 2006 година. Меѓутоа, денес структурата е неискористена и напуштена.
Сепак, и покрај лошите услови, култниот светилник привлекува огромен број посетители, кои одат таму за да уживаат воодушевувачките погледи, кои овозможуваат живописни фотографии и наплив на адреналин.
Светилникот се наоѓа на 1,5 часа возење од најблиското населено место, а потоа двочасовно патување со брод за да се стигне до ‘ртот Анива. Потоа, посетителите треба да се искачат на карпа користејќи јажиња за да се приближат до основата на светилникот. Ниту еден друг полесен пат не води до таму. Сепак, оние што ќе се осмелат ги чека награда.
Внатре во светилникот
Светилникот Анива е изграден во облик на бетонска кула во кружна форма со долна куќарка. Кулата е висока 31 метар и има девет ката. Првично, првиот кат бил дизајниран како магацин за опрема, а вториот кат како просторија за радио комуникација.
Од третиот до петтиот кат биле издвоени за станбени простории, опремени со кревети на спрат, каде што можеле да престојуваат до 12 луѓе во исто време. Горните нивоа на светилникот се користеле како складишта. Конечно, на последниот кат имало механички напојуван светлечки механизам на вртење, со тежина од 270 килограми.