Skip to main content

Атлетичари од цел свет ќе трчаат низ импресивните пејзажи на Турција на Alanya Ultra Trail

На крајот на овој месец Аланија ќе биде домаќин на уште едно издание на предизвикувачките планински трки Alanya Ultra Trail, собирајќи врвни спортисти од целиот свет. Аланија се смета за скриен бисер во регионот на Анталија, а трките ќе се одржат на 27 и 28 март и ќе се организираат по спектакуларни рути. Alanya Ultra Trail е призната од Меѓународната асоцијација за планинско трчање (ITRA), а од своето основање во 2017 година досега пречекала повеќе од 700 спортисти од 34 земји. Мотото на годинашниов настан, поддржан од Агенцијата за промоција и развој на туризмот (ТГА) и Министерството за млади и спорт, гласи „Од традицијата до патеката“, а на учесниците ќе им се овозможи да ја истражат Анталија, поврзувајќи ги природните убавини, богатото наследство на регионот и неговиот современ дух.

Патеките на Alanya Ultra Trail некогаш служеле како миграциски патеки на Јуруците, слободољубиви и издржливи номадски Турци. Токму во тој дух на издржливост и слобода денешните тркачи се натпреваруваат на патеки каде што е можно да се доживеат четири годишни времиња во текот на една трка.

Натпреварувачите можат да се пријават за неколку категории, а за најиздржливите е предвидена патеката Alanya Ultra Trail (AUT), долга дури 68 километри. За маратонците се препорачува Taurus Mountain Trail (TMT), која е долга 42 километри, категоријата Keykubat Mountain Run (KMR) ќе ги обедини тркачите кои се подготвени да истрчаат 27 километри, а за оние кои се само малку „послаби“ е наменета Cleopatra Short Trail (CST), долга 18 километри. Но, има и трка за сите кои се барем минимално спортски активни, Alanya Castle Run (ACR), во должина од 5 километри.

На најдолгата патека, AUT, тркачите стартуваат од пештерата Дамлаташ и плажата Клеопатра, минувајќи покрај историски знаменитости, како што се Топхане, бастионот Есат, како и Бадестенот, односно покриениот пазар. Прво кратко се трча низ градските улици, па низ планината Таурус, а се завршува на плажата Клеопатра. Другите трки стартуваат на истата точка, но на одредени места се враќаат назад за да се скрати должината на патеката.

Анталија е туристичка престолнина на Турција, со сонце во текот на цела година, прекрасни плажи и богата историја. На исток се наоѓа Аланија, основана како утврден град од Селџуците во 13 век. Нејзината тврдина е отворена за посетители и овозможува фасцинантни панорамски погледи. Аланија е полна со кривулести улици кои се спуштаат кон морето и традиционални куќи меѓу бујни градини. Најзначајни знаменитости се историското бродоградилиште, како и осмоаголната Кизил Куле (Црвена кула), првично изградена за одбрана, а денес етнографски музеј. Аланија има и бројни плажи со Сино знаме, како што се Инџекум и Клеопатра, кањонот Сападере, пештерите Дим и Дамлаташ, реката Дим и висорамнината Дерекој. Најпознати гастрономски понуди, пак, се гезлемето, свежата морска храна, главно печена риба и октопод, салата од бел грав, печено месо и други специјалитети, надополнети со локални бели вина. Бројните барови со музика во живо, пак, гарантираат богат ноќен живот долго после зајдисонцето.

Поврзани вести