
Во последните две години, „оземпик“ – лек првично наменет за третман на дијабет тип 2 – стана една од најпопуларните „брзопотезни“ алатки за слабеење низ светот. Овој тренд не ја заобиколи ниту Македонија, каде се повеќе граѓани – особено жени на возраст од 30 до 50 години – го користат лекот со една единствена цел: брзо слабеење без класична диета и вежбање, анализира „Убавина и здравје“.
Според нивните неофицијални проценки од фармацевти и ендокринолози, само во Скопје, секоја недела се продаваат стотици дози од лекот, и тоа најчесто без рецепти од ендокринолог. Во аптеките низ државата, побарувачката за Ozempic и Wegovy (негова слична верзија наменета токму за слабеење) се зголемила за речиси 300% во споредба со 2022 година.
Повеќето пациенти не се дијабетичари – тоа се жени и мажи кои сакаат да изгубат 5 до 15 килограми за краток период. Некои се подготвуваат за свадба, други за одмор. Ретко кој е свесен за несаканите ефекти, вели за магазинот д-р Марија, специјалист по ендокринологија од Скопје.
Во Facebook групи со илјадници членови, Македонки секојдневно разменуваат совети: колку дози, кога да се прима, што да се јаде додека си на терапија.
И покрај тоа што лекот не е регистриран во Македонија под намена за слабеење, лесно може да се најде преку познаници или да се нарача од странство. Цената варира – од 4.000 до 12.000 денари месечно, зависно од дозата и изворот.
Целата сторија на „Убавина и здравје“