Skip to main content

„Филм“ – нова тема за петтото јубилејно издание на Креативниот ден во Битола

Креативниот Ден 2026 повторно ја обединува најсилната млада модна енергија во земјата и го презентира потенцијалот на новата генерација модни креативци. Повеќе од 30 тимови од девет средни училишта и девет градови, ќе учествуваат во петтото јубилејно издание на овој уникатен едукативно-креативен моден настан, каде што младите дизајнери работат рамо до рамо со професионален дизајнер-ментор и Дама која ја носи и презентира нивната креација на ревијата.

Оваа година, професорите од текстилно-модните училишта ја зададоа темата „ФИЛМ“ – богата, широка и исклучително инспиративна платформа што им овозможува на средношколците слобода да истражуваат стилови, епохи и визуелни симболики од светот на кинематографијата. Токму оваа слобода создава плодна почва за автентични идеи, силни приказни и храбри модни решенија.

Креативен Ден 2026 носи и значајна новина: организаторот обезбедува материјал за сите тимови, со поддршка од текстилни фабрики.

„Со ова не само што ја поедноставуваме работата на младите, туку јасно го демонстрираме нашиот концептуален фокус – одржливост, еко свесност, реупотреба, паметно купување и поддршка на квалитетното локално производство. Вистинските вредности се основата на нашето функционирање и токму затоа Креативниот Ден прерасна во движење, во креативна заедница што постојано се зголемува. Нашата хумана и општествено одговорна мисија исто така продолжува – дел од средствата и донациите од настанот се насочуваат кон унапредување на условите за практична настава во текстилно-модните училишта. Доказ дека секоја креација, секој чекор на пистата и секој вложен труд има поголема цел“, велат организаторите.

По пет години континуитет, тие зад себе имаат една цела генерација млади дизајнери кои низ Креативниот Ден растеа, го направија првиот сериозен чекор во својата кариера. Оваа година дел од нив веќе се запишаа на факултетите за моден дизајн – силна потврда дека текстилната струка ја следат талентирани, вредни и трудољубиви млади луѓе со јасна визија и прогресивен дух.

Како и секогаш, во првите редови ќе седат респектирани модни дизајнери, познавачи на модата, претставници на институции и општествени личности. Меѓу поканетите гости се и Почесни конзули, како и Претседателката на Република Македонија, кои ја препознаваат важноста на овој проект и неговото влијание врз младите.

Креативен Ден 2026 –место каде започнуваат модните приказни,
каде младите добиваат глас, а модата добива смисла.

Поврзани вести