
Подготовките за Светското првенство во спортски риболов на крап влегуваат во завршна фаза – Мавровското Езеро повторно порибено со повеќе од 2.000 килограми крап, пренесува МКД.мк.
Во рамки на интензивните подготовки за организација на Светското првенство во спортски риболов на крап, кое годинава ќе се одржи на Мавровското Езеро, Јавната установа Национален парк Маврово, во партнерство со Македонската риболовна федерација, реализираше ново порибување на езерото со 2.092 килограми крап.
Оваа активност претставува дел од стратешки планираните мерки за унапредување на рибниот фонд и обезбедување соодветни услови за успешно одржување на најзначајниот светски спортско-риболовен настан.
Порибувањето има и долгорочна еколошка вредност, бидејќи придонесува кон зачувување на биолошката разновидност, стабилноста на езерскиот екосистем и одржливото управување со природните ресурси.
Организацијата на Светското првенство претставува исклучителна можност за меѓународна промоција на Националниот парк Маврово и на Република Македонија како препознатлива дестинација за спортски риболов, активен туризам и природни вредности од светско значење.
Во сила е времената забрана за спортски риболов на крап, која ќе важи до завршувањето на Светското првенство. Почитувањето на оваа мерка е од суштинско значење за заштита на порибениот фонд, зачувување на рибниот потенцијал и обезбедување фер и квалитетни услови за одржување на натпреварувањето.
Службата за заштита на природата при ЈУ Национален парк Маврово спроведува засилени теренски контроли и континуиран 24-часовен мониторинг на Мавровското Езеро, соопшти НП Маврово и изрази благодарност до Македонската риболовна федерација за успешната соработка, професионалниот пристап и заедничката посветеност во подготовката на овој престижен меѓународен настан.

Македонски



