
Сокот од нане се приготвува од свежи листови и гранчиња нане. Пред да ги приготвувате, треба добро да ги измиете за да ги отстраните нечистотиите и штетниците од листовите. Во зависност од количината сок што сакате да ја добиете, можете да го зголемите количеството на состојки. Домашниот сок најдобро е да го чувате на ладно место. Наведената количина на состојки доволна е за околу 5 л сок од нане.
Состојки:
300 г свежо нане
5-6 лажици шеќер
3 кесички лимонтус
3 л вода
3 кг шеќер
Приготвување:
Измијте го свежото нане со ладна вода за да ги отстраните нечистотиите од него. Потоа, ситно исечкајте го со ножици или со нож. Иситнетото нане измешајте го со 5-6 лажици шеќер и лимонтус и добро изгмечете го со раце. Сето тоа прелејте го со 3 л вода и оставете го да отстои 24 часа. Откако ќе отстои смесата, процедете ја и префрлете ја добиената течност во друг сад.
Во течноста додајте шеќер и измешајте го сето тоа за да се раствори добро шеќерот. Оставете го да отстои 24 часа и промешувајте го на секои 4-5 часа. Откако ќе спласне течноста, процедете ја во голема чинија. Сипете вода и измешајте добро. Добиениот сок сипете го во стаклени шишиња и затворете ги со капаче. Можете да го консумирате веднаш.
Убавина и здравје

Македонски



