
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
200 г печени пиперки
сок од 1/2 лимон
1/2 лажичка сол или по вкус
100 г печени кикирики (маринирани во сол)
100 г маринирани шампињони
2+1 лажици сусам
250 г јогурт од соја (цврст соин јогурт со конзистенција на к.павлака)

ПОСТАПКА:
Можете да користите од есенските печени пиперки кои сте ги складирале во замрзнувач, излупени, исчистени од дршките и семето и исцедени од сокот кој го пуштиле. Потребни ви се 200 г исчистени, испечени пиперки. Исечете ги на ситни коцкички. Печурките исцедете ги од маринадата (тие се полни со сокови, па истискајте ги за да излезе вишокот), исечкајте ги ситно и додајте ги во пиперките. Зачинете со сол и лимонов сок. Потоа додајте ги мелените кикирки кои се маринирани/печени само во сол, а не пржени во масло, 2 супени лажици пропжен сусам (во сува тава колку да замириса).На крај додајте го соиниот јогурт кој е без додаток на масло. Оваа салата е многу здрава и не содржи масти ниту мајонези и нема потреба од додавање на други состојки, зашто сама по себе е многу вкусна. Евентуално, секој по желба може да додаде сосем малку сенф, ако го сака тој вкус. Салатата добро измешајте ја и претурете ја во садот за послужување. Одозгора посипете една лажица сусам.
Салатата може веднаш да се послужи. Се чува добро затворена во фрижидер, до 3-4 дена го сочувува свежиот вкус.
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
300 г посен мајонез
2 моркови
2 помали компири
7-8 кисели краставички
5 лажици пченка во зрно од конзерва
160 г туна конзерва во парче
1 лажичка сол
2 лажици пржен сусам

ПОСТАПКА:
Измијте ги и излупете ги морковите и компирите, па ставете ги во вода со лажичка сол да се варат околу половина час.Сварениот зеленчук исцедете го од водата и оставете го да се излади околу 15 минути. На дното од садот ставете малку мајонез, а потоа изрендајте го морковот во слој од 1 сантиметар, па премачкајте го со мајонез.Секој слој мајонез можете да го посипете со малку сусам. Следниот слој е пченка, па повторно мајонез и сусам. За следниот слој избрав кисели краставички. Ги изрендав на ситно ренде, со рака исцедив малку од водата и ги додадов во салатата. Премачкајте со мајонез и посипете со сусам. Туната во парче добро исцедете ја од маслото, растурете ја со виљушка, па додајте ја во салатата, натапкајте ја и премачкајте ја со мајонез. Посипете со сусам. Како последен слој ставете ситно изрендан компир. Изрендајте го директно врз салатата, бидејќи ако го пренесувате од друг сад, ќе ви се испозалепи.
РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
1 кг компири
600 г риба – ослич сварен на пареа
200 – 300 г праз
5-6 кисели краставички
1 лимон, сок
1-2 лажици сенф
2-3 лажици ајвар (или посен мајонез)
малку маслиново масло, сол, црн пипер,
1 китка магдонос ситно сечкан

ПОСТАПКА:
Компирите исчистете ги и исечкајте ги на крупни коцки, па сварете ги во посолена вода. Потоа исцедете ги од водата и оставете да се оладат. Згответе ја рибата и извадете ги коските. Следно, иситнете го празот, залијте го со сок од лимон, додајте ситно сечкани краставички и магдонос, а потоа додајте ајвар, сенф и зачини. Во подлабок сад измешајте: сварени компири, исчистена и иситнета риба, празот измешан со зачините и краставичките.

Македонски






