
Женската медиумска мрежа „Еднаква“ на сите колешки им го честита Меѓународниот ден на жената – 8-ми март и воедно сака да укаже дека борбата за унапредување на родовата рамноправност преку правично вреднување на работата, за еднаков пристап во поделба на раководните позиции, поголеми и подостоинствени плати и за безбедна работна средина која нуди солидарност, почит, поддршка и разбирање, не е завршена.
Од „Еднаква“ ги повикуваат сите колешки да се зачленат во мрежата, гласно да се говори за проблемите во фелата, но и заеднички да се бориме за своите права и за подобрување на положбата и позицијата во медиумите и општеството.
Ви ја пренесуваме нивната честитка по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената:
Во услови кога се соочуваме со зачестени, неосновани напади на новинарките на социјалните мрежи со цел да се дискредитира нивната работа, бараме и поголема институционална поддршка за елиминирање на сите форми на вознемирување, закани и оцрнување.
Меѓународниот ден на жената – 8-ми март е ден кога треба да се потсетиме дека во борбата за родова рамноправност не сме сами и затоа со оваа цел неодамна беше формирана и Женската медиумска мрежа „Еднаква“.
Овој ден сакаме да го искористиме да ги повикаме сите колешки да се зачленат во мрежата. Целта ни е во име на сите гласно да говориме за проблемите во фелата, но и заеднички да се бориме за своите права и за подобрување на положбата и позицијата во медиумите, а со тоа и во општеството.
„Еднаква“ е отворена платформа за секоја новинарка, медиумска работничка и другите жени вработени во медиумите. Сите заинтересирани може да се зачленат со клик овде и тоа нема да ви одземе повеќе од минута време, а ќе значи многу, бидејќи за прв пат жените во медиумите заеднички ќе дејствуваат.
Женската медиумска мрежа „Еднаква“ притоа се приклучува на кампањата на Меѓународната федерација на новинари „Родово еднакви медиуми за родово еднаква иднина“ во:
Осуда на секој облик на бришење на правото на слобода на изразување на жените и маргинализираните групи
Поддршка за медиумите кои се придржуваат до правично, непристрасно претставување на општеството и сите негови родови
Поддршка на еднаков родов пристап до водечките улоги во медиумите
Промовирање на законодавството кое ја штити родовата еднаквост и се бори против родовото насилство
Осуда на мизогинијата и родовата дискриминација во сите нејзини облици