
Сојузот за младинска работа (СМР) објави дека вториот добитник на стипендијата „Билјана Василевска Трајковска“ е Стефан Момиќ од Скопје, кој оваа година се рангираше прв во процесот на селекција и ја доби стипендијата.
На јавниот повик пристигнаа 6 пријави, од кои 5 кандидати успешно го поминаа целиот селекциски процес. По индивидуална евалуација според јасно дефинирани критериуми, апликацијата на Момиќ беше рангирана на прво место со освоени 81.3 поени.
Процесот на селекција беше спроведен од Одборот за доделување на стипендијата, во состав од: Драгана Митровиќ, генерален секретар на СМР; Јован Крстески, член на Управниот одбор на СМР; Евгенија Узунова, член на Управниот одбор на Национален младински совет на Македонија (НМСМ); Мартин Филиповски, програмски координатор во Форум ЗФД (ProPeace); и Ивона Крстевска, долгогодишна соработничка и пријателка на Билјана.
Стипендијата е востановена во чест на Билјана Василевска Трајкоска – истакната активистка и лидерка во областа на младинската работа, која со својата визија, посветеност и енергија даде значаен придонес во развојот и професионализацијата на младинската работа во нашата земја. Таа остави инспиративно наследство од иницијативи, промени и ангажман во заедницата, кое и денес ги мотивира младинските работници и организациите ширум државата. Стипендијата обезбедува финансиска поддршка за покривање на трошоците за студии на Програмата по младинска работа при Филозофскиот факултет – УКИМ, со цел да се охрабрат нови професионалци кои ќе придонесат кон развојот и унапредувањето на младинската работа..
Со доделувањето на оваа стипендија, СМР не само што оддава признание на делото на Билјана, туку и ја потврдува долгорочната заложба за создавање нови генерации младински работници кои ќе ја негуваат и надградуваат нејзината мисија.

Македонски








