
Македонија има потенцијал за претприемништво и отварање на стартап компании, но потребна е поддршка од државата и отворање на повеќе акселератори, велат тројца француски експерти од оваа област кои престојуваа во земјава и учествуваа на саемот „Технома 2025“.
Жаки Узиел, Антони Фремо и Абинав Агарвал во разговор за МИА порачуваат дека за иновацијата потребна е креативност, но и остроумност и досетливост.
Тројцата се согласни дека за отворање на стартап, најважна е идејата која треба да биде оргинална и да решава некаков општествен проблем, но дека за успешен старт и реализација неопходна е помош и од експерти.
Стартапот е едно живо тело – тоа може да процвета или да пропадне и токму затоа стручната помош е од исклучително значење и може да помогне идејата успешно да се реализира. Добро е носителите на идеи да имаат експерти покрај себе со цел кога ќе излезат пред инвеститори да имаат добар бизнис план. Најлошо е ако сте на перон на железничка станица, а возот веќе тргнал. Значи треба да го фатите возот додека е тука, односно најлошо е ако излезете пред инвеститори кои не ги разбираат вашите идеи“, вели Жаки Узиел, експерт за финансирање на стартапи и иновации.

Узиел посочува дека се клучни неколку работи за бизнисот да стане успешен – покрај оргиналната идеја, потребен е и „дрим тим“, добро познавање на пазарот, проценка на потребите и времето кога ќе се излезе на пазарот.
Многу тешко се наоѓаат основачи на стартапи кои се мултидисциплинарни, обично се од инженерската професија или од економската сфера, а доста е важно да има тим кој покрива различни аспекти. Инвеститорите се баш чувствителни доколку има еден таков тим којшто покрива повеќе аспекти и тоа е оној момент којшто може да создаде доверба“, појаснува Узиел.
Антони Фремо, коосновач на „Ligamen“ и креатор на „Talent Trees“, дигитална платформа која им помага на организациите да ги идентификуваат, визуелно прикажат и развијат талентите и знаењата на своите тимови, го гледа во младите потенцијалот за претприемништво во земјава.
Младите се носители на таленти и имаат капацитет да создадат мултидисциплинарни тимови кои би можеле да најдат солуции на локални проблеми и на тој начин да се издигнат општествено. Многу е важно секој да го осознае својот потенцијал, којшто не мора секогаш да е поврзан со дипломата“, нагласува Фремо.
Негова препорака е да се зголеми бројот на бизнис акцелераторите, односно на местата каде младите ќе најдат поддршка за реализација на нивните идеи, каде секој ќе дојде до сознание за својот талент, место каде ќе се создаде проектот и ќе почне реализацијата.
Државата секако може да помогне со финансирање, со отворање на „fab lab“, на простори каде младите ќе разговараат за своите идеи и ќе бидат поддржани од експерти со цел од сето тоа да се изродат проекти. Треба да им се помогне на носителите на идеи, да им се помогне со совети за од идеја да се дојде до реализација“, вели Фремо.

Абинав Агарвал, кој е основач и извршен директор на „Frugal Company“ формирана во 2019 година и специјализирана за дигитална трансформација на претпријатијата преку примена на напредна вештачка интелигенција, вели дека да се биде добар, не значи да се биде голем, напротив, може и да се биде мал, а да се биде добар.
На младите во земјава им порачува да се фокусираат на претприемништвото.
Во денешно време се потешко се наоѓа работа така што акцентот би го ставил на претприемништвото. Најдете некој проблем од социјалната или општествената сфера и со помош на технологијата понудете решение за тој проблем. Видете какви проблеми има во вашата земја, понудете решение и станете претприемач“, вели Агарвал, чија компанија во превод значи дека и со помалку средства може да се облагороди нешто.
Според Агарвал, во времето во кое живееме исполнето со геополитички, еколошки и социјални стеги, треба да се бара начин како да се биде иновативен и да се нудат креативни решенија.
Сите имаме моќ да делуваме доколку тоа го посакуваме“, вели Агарвал.

Во Франција секоја година се создаваат од 15 до 30 илјади стартапи. Париз е меѓу првите пет градови во светот по бројот на основање на стартапи, бројка која се мери по бројот на т.н. еднорози (стартап компанија која за кратко време достигнува берзанска вредност од милијарда американски долари).
Т.Н. еднорози се компании кои се едни од најинтересните за инвеститорите. Вообичаено, компаниите се од технолошкиот сектор, односно софтверски компании, компании кои се занимаваат со е-трговијата, вештачката интелигенција и финтек компании.
Узиел вели дека најважен е квалитетот на стартапите, односно колку од нив можат потенцијално да достигнат берзанска вредност од милијарда евра и да го прошират својот бизнис на интернационален план.
Животот е борба, се додека имаме енергија да дојдеме до своите цели треба да си ја пробаме својата среќа“, порачува Узиел.

Македонски







