Skip to main content

До 30 септември е отворен повикот за наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ за ученици во 9. одделение

Отворен повикот за наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ наменет за сите ученици во 9. одделение во Македонија. Наградата ја доделуваат платформата „Наука за деца“ и Фондацијата „Кантарот“ во соработка со проф. д-р Венка Симовска. Наградата е вредна 30.000 денари, а целта е да се стимулира едно љубопитно и посветено дете да продолжи со љубов да чекори по патот на науката.

За наградата може да аплицира секој ученик и ученичка во 9 одделение во основно училиште во земјава. Секој заинтересиран треба да објасни што конкретно сака во науката, која научна дисциплина или вид на истражувања особено ве интересира, зошто и како мисли дека науката може да придонесе за личниот или за развојот на општеството, со кои постигнувањата најмногу се гордеете, за што би ги употребиле парите од наградата и зошто – велат од „Наука за деца“.

Сите заинтересирани треба да го пополнат формуларот до 30 септември. Од „Наука за деца“ велат дека наградите и постигнувањата не се единствениот критериум за доделување на наградата.

Во потрага сме по личности кои својот ентузијазам кон науката го надополнуваат со амбиција, имагинација, силни комуникациски вештини и со желба да се споделува наука со јавноста. Од сите примени апликации ќе избереме десетина кандидати за интервју, а по интервјуата ќе ги објавиме финалистите – велат тие.

Сите финалисти за наградата „Иван Ќостаров“ ќе бидат поврзани со ментори, наши научници во странство кои ќе ги подготват за да одржат научно предавање на следната НЗД конференција.

Наградата го носи името на Иван Ќостаров, кој е роден во Скопје во 1955 година, а починал во Копенхаген, Данска, во 2019 година. Имал само 14 години кога љубопитноста го инспирирала да замине од дома за да учи во славната математичка гимназија во Белград. По професија бил електроинженер и софтвер-архитект, кој долги години живеел во Данска. Тој е и човекот кој заедно со уште неколкумина го составил од нула првиот компјутер во Македонија. Имал бројни и разновидни интереси, но особено уживал во природните науки. Сакал математика, логика, компјутерски науки, астрономија, астрофизика, генетика и сонувал еден ден да патува во вселената. Сонот не го остварил, но затоа е тука оваа награда во негова чест, која се надеваме дека ќе им помогне на многу деца да чекорат полесно кон остварување на своите научно-љубопитни соништа.

Поврзани вести