Skip to main content

Википедија на македонски јазик достигна 150 000 статии

Википедија на македонски јазик во изминатите две децении постојано расте, станувајќи еден од главните извори на информации на македонски јазик. Од своите почетоци во септември 2003 година, со само неколку статии, денес оваа платформа нуди обемна база на податоци која опфаќа најразлични теми – од историја, географија, наука, уметност, култура, па сè до современи настани и технолошки достигнувања. Прагот од 150.000 статии на македонски јазик е достигнат и заедницата се стреми кон поголеми успеси, изјави за МИА, Бојан Велковски менаџер за комуникации и маркетинг од Викимедија МКД.

Од таму потенцираат дека достигнувањето на 150.000 статии е голем успех за Википедија на македонски јазик, но и за македонското дигитално општество во целина. Оваа платформа претставува доказ дека македонскиот јазик има свое значајно место во светската мрежа на информации. Воедно, најавија дека со постојан труд, посветеност и ентузијазам, Википедија на македонски јазик ќе продолжи да се развива и да биде скапоцен извор на знаење за сегашните и идните генерации.

Додаваат дека во ера на дигитализација, пристапот до релевантни и точни информации на македонски јазик е клучен. Википедија овозможува слободен пристап до знаење за секого, без оглед на возраста, локацијата или образованието. Со тоа, таа игра важна улога во образованието, научните истражувања, новинарството и секојдневното информирање на македонските граѓани.

Википедија на македонски јазик придонесува за зачувување и промовирање на македонскиот јазик во дигиталниот простор. Преку статии за историјата, јазикот, културата и обичаите на Македонија, оваа енциклопедија служи како дигитална архива на националното наследство.Со 150.000 статии зад себе, Википедија на македонски јазик не застанува тука. Предизвикот е да се подобри квалитетот на постоечките статии, да се збогати содржината со релевантни извори, фотографии и мултимедијални материјали, како и да се привлечат нови уредници кои ќе помогнат во нејзиниот понатамошен развој. Секој поединец може да стане дел од овој проект – Википедија е отворена за сите кои сакаат да придонесат кон глобалната заедница на знаење. Со поголема ангажираност од образовните институции, медиумите и истражувачките центри, македонската Википедија може да продолжи да расте и да стане уште поквалитетен извор на информации, најави Велковски.

Од Викимедија МКД информираат дека Википедија овозможува бесплатен пристап до енциклопедиски содржини на 340 јазици. Првата јазична верзија е Википедија на англиски јазик и основана е на 15 јануари 2001 година. Основачи на најпозната енциклопедија и креатори на идејата се Џими Велс и Лери Сангер, кои со здружени сили ја започнале работата, првично само на англиски јазик. Македонската јазична верзија на Википедија е основана во септември 2003 година и е во постојан раст, квантитативно и квалитативно.

Поврзани вести